Премиерот Никола Груевски, во улога на претседател на тогаш опозиционата ВМРО-ДПМНЕ во 2005-та година одби предлог од медијаторот Метју Нимиц кој го содржеше уставното име за меѓународна употреба и придавката „македонски” за именување на јазикот, тврди лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Во гостувањето на емисијата Х/О на Канал 5, Црвенковски објасни дека Нимиц предлагал во првите три години земјата во меѓународните организации да се именува како Republika Makedonija, односно уставното име без англиска транскрипција, а потоа да се замени со Republic of Macedoniа.

„Значи Груевски или лаже или ептен заборава. Еве го предлогот – ништо од тоа што го кажа не е точно. Тој предлог од 2005 година што нудеше? Три години Република Македонија да се вика Republika Makedonija без транскрипција на англиски јазик. По три години да се викаме Republic of Macedonia, од тој момент до вечност. Значи, уставното име да го имаме како држава, уставното име во именувањето на државата во Обединетите Нации и секаде. Само три години да бидеме Republika Makedonija , не нешто друго, Republika Makedonija  без транскрипција на англиски јазик, а потоа уставното име до крај. Кај јазикот – чисто решение: македонски јазик / Macedonian language. Еве ви го текстот, дајте го на колегите од другите редакции. Пишува тука државна тајна, бидејќи Груевски прв почнува да говори што е содржината, ако тој ја прекрши државната тајна, ја прекршувам и јас”, изјави Црвенковски.

„Истиот тој премиер, што лаже околу предлогот од 2005 година, во 2008 година, заедно со мене, јас и тој заедно прифативме, пред Букурешт, Република Македонија (Скопје). Прифативме, тоа што се обидува да се скрие…прифативме Република Македонија (Скопје). И тоа за него е прифатливо, а уставното име за меѓународна употреба демек бил лош предлог”, рече Црвенковски.

Неговата реакција следува по изјавата на премиерот Груевски, според која Црвенковски во 2005 година прифатил предлог што бил проблематичен во однос на македонскиот идентитет.

„Истиот тој Црвенковски во 2005-та година, кога беше даден еден предлог од Метју Нимиц и беше доведен во прашање идентитетот, тој го прифати. Јас тогаш се спротиставив, јавно го кажав тоа, има снимки дека на тој предлог од 2005 година единствено ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека е проблематичен во однос на идентитетот, во однос на македонскиот јазик, но СДСМ го прогласи за најдобар дотогаш предлог и го прифати и имавме жесток напад зошто ние не го прифаќаме најдобриот предлог што бил даден до тогаш. На тој начин ја начна позицијата на Македонија, ја загрози позицијата на Македонија што јавно прифатија еден прилично проблематичен предлог во однос на идентитетот”, изјави Груевски во петокот.

OhridNews
Извор:Макфакс