Некогаш лутите политички противници, лидерите на СДСМ и ВМРО-Народна партија и поранешни премиер, Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, денеска одржаа средба во Скопје, пренесува „Макфакс“.
Велат дека заедничките ставови за, како што ја нарекуваат, погубната политика на Владата, ги натерало да седнат на заедничка маса и да разменат мислења за евентуална натамошна соработка. Сметаат дека демократијата во земјата е загрозена, дека Македонија се наоѓа во економски дебакл и дека е во комплетна меѓународна изолација.
„Наша заедничка оцена е дека денес Македонија се соочува со исто толку тежок предизвик како во 1991-та и 2001-та. Состојбите во многу области се катастрофални, Државата се движи во погрешна насока, економијата пропаѓа, сиромаштијата се зголемува, демократијата е суспендирана, евроатланските интеграции на земјата се целосно загрозени. Чувствуваме заедничка обврска, делејќи ги овие заеднички оценки, да направиме сé државата да се врати во нормален колосек, да биде повторно слободна и демократска, како би можеле во еден таков амбиент, секој со своите разлики да излезе пред граѓаните и да ја бара довербата. Некој ќе биде во власт, некој ќе биде во опозицијата, меѓутоа Македонија ќе биде на вистинскиот пат“, рече Црвенковски.
„За Тодор Александров имаме разлики во гледањата, меѓутоа, што е поважно, за Никола Груевски и неговата политика немаме разлики. Во Македонија тоа е клучното прашање. За погубната политика на Никола Груевски немаме разлики“, рече Црвенковски.
„Денес, кога слушаме многу зборови кои се предавници, кои се поголеми патриоти, има навистина многу аргументи со кои може да зборуваме. Еден од тие аргументи се долговите на Република Македонија, еден од тие аргументи се токму оваа масовна апатија на македонските граѓани. Така што, можам да кажам дека во овој момент СДСМ и ВМРО-НП имаат многу точки што ги зближуваат и тие точки вредат за натаму да ја продлабочиме соработката, да ги продлабочиме разговорите и мислам дека оваа средба ќе биде добра инспирација за едни натамошни разговори“, изјави Георгиевски.
Црвенковски и Георгиевски не прецизираа дали денес започнатите средби ќе резултираат и со конкретна коалиција во пресрет на локалните избори во 2013 година. Велат дека засега разговараат за теми за кои имаат заеднички ставови, без меѓусебни уценувања и поставување услови. Изразија подготвеност во разговорите да се вклучат и партии од албанскиот блок.
извор: „Макфакс“