„Од денеска Груевски реши Македонија да го добие својот Милошевиќ. Тој ќе го доживее својот 5-ти октомври“, речи лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски во своето обраќање пред приврзаниците, кои се наоѓаат пред Собранието на РМ.
Црвенковски ги повика граѓаните на општограѓанска непослушност и општонародно востание за слобода за иднина.
„Дури дишам, дури мрдам од оваа битка не се повлекувам, нé чека голема работа и тешка битка, работата ќе ја сработиме, а битката ќе ја добиеме. Ние ја создадовме ова земја, ние ќе ја ослободиме“, рече тој.
Лидерот на опозицијата потенцираше дека пратениците од СДСМ не го признаваат овој парламент и дека веќе нема да учествуваат во неговата работа.
„Во оваа држава Устав и закон нема, демократија нема, парламент нема. Од едната страна е само еден диктаторски режим, а од другата страна е народот“, рече лидерот на СДСМ.
Владеачката ВМРО-ДПМНЕ
попладнево преку соопштение го изнесе својот став за настаните пред и во
Собранието, оценувајќи дека Бранко Црвенковски е спречен во обидот да
изврши државен удар.
„Пратениците на СДСМ и Црвенковски ја суспендираа демократијата. Разумот
го заменија со насилство, провокации и рушење на легитимно избрана
власт, зад која стојат граѓаните кој го дале својот глас на легални
избори“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Притоа се обвинува дека приврзениците на опозицијата насилно сакале да
ја соборат и да ја освојат власта, носејќи луѓе од внатрешноста,
мобилизирајќи поддржувачи кои дел од нив дури се со дебело криминално
досие
„Државниот удар на Црвенковски не помина и нема да помине, затоа што
победи разумот. Затоа што институциите покажаа ефикасност, а народот
победи, покажа зрелост но и одлучност да се каже не на политичките сили,
кои цели дваесет години ја влечат назад државата“, стои во
соопштението.
Од владеачката партија денешните настани ги оценија како последен обид
за спас на личната кариера на Црвенковски и на, како што се вели, малата
група на политичари околу него, кои се борат за моќ и лична корист.
„Ова е очаен обид на потрошен политичар кому и на изразот на лицето му
се гледа дека не е при здрава свест. Собранието не е на СДСМ, не е ниту
на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа му припаѓа на народот. Нападот на Собранието е напад
врз граѓаните. Граѓаните не заслужуваат таков третман. Сите заедно ја
имаме одговорноста за градењето на нашата иднина. Ние ќе останеме на
страната на народот, зад правниот поредок, законите и институциите. Ние
ќе останеме на вистинската страна“, се вели во соопштението
Во дописот на ВМРО-ДПМНЕ се истакнува дека патениците на СДСМ физички го
нападнале претседателот на Собранието и други колеги пратенци, се
рпесметувале со обезбедувањето и лажно паѓале во несвест.
извор:„Макфакс“