После вчерашната седница на собранието, после сето она што го видовме и слушнавме, а посебно после исходот од гласањето за доверба на владата стана сосема јасно дека не постои никаква криза во коалиционите односи помеѓу ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ.

Ова на прес конференција, денеска, го изјави претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, при тоа додавајќи дека коалициските препукувања се само театарска претстава на Груевски и Ахмети.

„Се потврдија сите наши укажувања дека сето она што го гледавме во изминативе два месеци, сето нивно загрозување на меѓуетничките односи, сите нивни меѓусебни препукувања преку девалвирање на институциите, кршење на законите, бламирање на армијата па дури и преку злоупотреба на децата, не се ништо друго освен ефтина театарска претстава во режија на Никола Груевски и Али Ахмети“, рече Црвенковски.

Според него, тоа претставува премногу опасна игра за, како што рече, задоволување на нивните ситни лични потреби: Груевски лажно да се претстави како македонски патриот, а Ахмети лажно да се претставува како заштитник на правата на Албанците.

„Вчера уште еднаш се покажа дека за оваа власт криминално – тендерските интереси се поважни од било чија национална гордост и достоинство, од било чии права и статус и од било кои закони и институции на Република Македонија“, нагласи Црвенковски, при тоа повикувајќи го премиерот да запре со политичкото препукување со коалициониот партнер.

„Така како што синоќа сложно и братски гласаа, денес сложно и братски нека се договорат за законот за бранители, за имињата и таблите на училиштата, за паралелките во Аеродром, Чаир и Сарај, за почитувањето на хиерархијата и одговорноста во АРМ и пред сè, за почитување на законите и институциите во оваа земја“, порача Црвенковски.

Тој ја повика владата под итно, веќе од понеделник да предложи измени на изборниот закон во согласност со препораките на ОБСЕ и ОДИХР и во најкус можен рок прочистување на избирачкиот список.

„Доколку во еден разумен рок од неколку дена владата тоа не го направи, СДСМ ќе поднесе свој предлог за измени на изборното законодавство до Собранието на Република Македонија. После тоа ќе стане сосема јасно кој е, а кој не е подготвен за соочување со волјата на народот“, заклучи Црвенковски.

OhridNews
извор:„Макфакс“