Одлуката за бојкот на локалните избори беше една од најтешките во историјата на партијата, свесни сме за последиците што таа ги носи и за партијата и за државата, вели лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски во интервју за Дојче Веле, пренесеува „Макфакс“.
„Но, уште повеќе сме свесни за одговорноста што би ја презеле ако со своите постапки станеме соучесници на власта во нејзините намери за инсталирање на партиско-полициски режим, рушење на правната држава и газење на демократијата. По настаните од 24 декември секакво релативизирање и глумење на нормалност, секаков обид работите да се заборават, не би било ништо друго туку давање на „зелено светло” на Груевски и „фамилијата” да продолжат со своите погубни политики“ вели Црвенковски.
Според него не е точно дека со тоа што СДСМ и неколку партии ќе ги бојкотираат изборите, граѓаните ќе немаат избор, туку ќе бидат пред клучниот избор.
„Дали молчешкум и со наведната глава ќе се согласат да живеат во страв и без било каква перспектива или ќе се решат да пружат отпор, да си ја вратат државата назад. Да ја одбранат слободата, демократијата, правдата, иднината, своја и на своите деца. А тоа е најважниот избор“ додава Црвенковски.
Тој тврди дека во изминативе дваесетина дена на маса биле ставени повеќе иницијативи и предлози кои нудеа излез од политичката криза.
„Буквално сите беа одбиени од Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. За конструктивноста на СДСМ и „Сојузот за иднина” можете сами да заклучите од предлогот кој јавно го соопштив во петокот: Ако на локалните избори опозиционата коалиција освои повеќе гласови од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, да има предвремени парламентарни избори и обратно ако ВМРО-ДПМНЕ победи ние да се откажеме од барањето за парламентарни избори. Значи граѓаните со својот глас да одлучат. Има ли нешто пофер и поконструктивно од тоа? И видовте, тој предлог беше промптно одбиен. Зошто? Зарем Груевски се реши за продлабочување на кризата и за загрозување на евро-атланските перспективи само затоа што се плаши од гласот на народот? Па нели сигурно ќе победат на локалните избори? Или сепак не ќе да е така?“ изјавил Црвенковски.
Тој вели дека ако има вистинска политичка волја постојат можности за решение до 24 март, до денот на одржување на локалните избори.
„Таква политичка волја кај власта јас досега не видов. Напротив, сведоци сме на едно крајно неодговорно и арогантно однесување, радикализирање на реториката и целосно игнорирање на тешките последици за државата кои неминовно ќе следат. Сами ја создадоа оваа криза, сами ја продлабочуваат, сами ќе мора и да се соочат и со одговорноста. Ние сме цврсто решени да го продолжиме отпорот кој во наредниот период ќе се интензивира и ќе добива нови форми. Ова е битка за тоа каква држава ќе имаме и во каква држава ќе живееме. А од таква битка нема откажување се до конечна победа“ додава Црвенковски.
Извор: DW/Макфакс