Во очи претседателските и локални избори што ќе се одржат на 22 март во Македонија, претседателот Црвенковски се огласи со соопштение за јавност:

Почитувани граѓани,
Во недела на 22 март ќе се одржи првиот круг од претседателските и локалните избори. Секогаш било важно граѓаните да ги изберат најдобрите кандидати и политичките опции за кои сметаат дека најмногу ќе придонесат за напредокот на нивната општина, градот или државата, во целина. Меѓутоа, длабоко сум убеден дека на сите граѓани на Република Македонија им е сосема јасно дека на претстојните избори нема да се одлучува само за тоа кој ќе ја води државата во следните пет години, или кои политички субјекти ќе ја имаат власта во единиците на локалната самоуправа во наредниот четиригодишен мандат. Влогот, овој пат е многу поголем од тоа.

Сите кандидати, без исклучок и без оглед на фунцијата на која претендираат, не уверуваа дека евро-атлантските интеграции спаѓаат во нивните најважни политички приоритети. Токму затоа, сите ние, со право очекуваме дека Република Македонија, веднаш по изборите, со многу побрзо темпо ќе го продолжи својот пат кон НАТО Алијансата и Европската Унија. Многу пати е кажано и образложено зошто за тој проект не постои сериозна стратешка алтернатива, не само за Република Македонија, туку и за многу поголеми држави од нашата. Сосема е јасно дека само тоа е концептот што нуди широки перспективи и гарантира внатрешна стабилност и брз економски развој на земјата.

На 22 март Република Македонија треба да покаже дека има доволно демократски капацитети за да го продолжи процесот на интегрирање во ЕУ и НАТО. Првиот чекор и основниот предуслов за такво нешто ни е познат – одржувањето на мирни, фер и демократски избори. Такви избори, во согласност со сите меѓународни стандарди, во неколку наврати во минатото, веќе сме имале. Значи, не е прашањето дали Македонија има доволен институционален капацитет и демократски потенцијал такво нешто да организира, туку, дали постои политичка волја и чувство за одговорност кај политичките субјекти за иднината на нашата земја.

Во овој контекст, одговорноста на сите учесници во изборниот процес, но, пред се на раководствата на политичките партии, е навистина голема. Исклучително важна ќе биде и улогата на државните институции кои се задолжени да го штитат интегритетот на изборниот процес и кои своите обврски мораат да ги извршат крајно професионално и во согласност со Уставот и законите на Република Македонија. Тоа значи дека на секој наш граѓанин, на територијата на целата држава, а не само во некои нејзини делови, мора да му биде овозможено слободно, по сопствен избор и без било какви притисоци и закани, да ја искаже својата волја и да го даде својот глас.

Почитувани граѓани,
Во недела искористете го вашето уставно право и гласајте за кандидатите по сопствен избор. Придонесете со своето однесување за создавање на мирна и демократска атмосфера каква што му доликува на овој народ и на оваа држава.
Претстојните избори се сериозен тест за зрелоста на Република Македонија и од начинот на кој тие ќе бидат спроведени ќе зависи подобрата иднина на сите нас. Минатата година, тешките инциденти, насилствата и бројните нерегуларности на изборите не само што го запреа нашиот развој, туку не вратија многу назад, како држава. Такви грешки повеќе никој нема право да повторува во името на сегашните и идните генерации македонски граѓани – се вели во писменото обраѓање до јавноста на претседателот Бранко Црвенковски.

Ohridnews