Mакедонската фудбалска репрезентација денеска (13 ч.) во Прилеп по осми пат ќе ги проверува своите можности со соодветната селекција на Албанија. Противникот е по мерка, барем според досегашните резултати, кои одат во прилог на „црвено-жолите“. 
На седум меча забележаа четири победи, двапати ремизираа и само еднаш се радуваше западниот сосед. Нова победа за поведра репрезентативна атмосфера најавуваат кандидатите што останаа на располагање, а велшкиот фудбалски стручњак Џон Тошак и по три месеци од назначувањето за македонски селектор останува затворен за медиумите. Од Охрид, каде што беше репрезентативната база во изминатите пет дена, замина со позната фраза “ноу комент”.
 – Имаме многу нови играчи, за првпат бевме повеќе дена заедно, се создаде убава атмосфера, а наше е да продолжиме да работиме според барањата на селекторот, според кого мислам дека ги исполнивме очекувањата. На секој натпревар сакаме да победиме и сега цел ни е победа. Оваа пресметка со Албанија е одлична можност за младите фудбалери да покажат дека заслужуваат место во репрезентацијата – вели Величе Шумуликоски, еден од најискусните во овој состав што го има на располагање македонскиот селектор. 
Првпат покана за настап во репрезентацијата по преземањето на кормилото од страна на Тошак доби искусниот напаѓач Илчо Наумоски, кој има постигнато девет гола во државниот дрес. 
– Голема чест за мене е што ќе играм во Прилеп каде што дебитирав на меч против Малта и тоа со погодок во победата од 3-1. Како и на секој натпревар, ќе дадам сж од себе да го добиеме мечот. Дали ќе се запишам во листата на стрелците не е толку важно. Најважно е да победиме и да ја израдуваме публиката во Прилеп – вели Наумоски. 
Со пресметката против Албанија македонската фудбалска репрезентација ги почнува подготовките за новиот квалификациски циклус за СП 2014. Зад себе го има најлошото издание во циклусот за ЕП 2012, што го заврши на петтото место. 
– По лошиот циклус имавме добри мини-подготовки за новиот предизвик. Го почнуваме токму со мечот против Албанија, на кој очекувам добра игра и победа. Потребно е да ја вратиме победничката атмосфера, психолошки малку паднавме, ни недостигаат победите за да се врати таа атмосфера. Со доаѓањето на Тошак очекувам да се подобри атмосферата. Се гледа дека селекторот сака да проба повеќе фудбалери, мислам дека до почетокот на квалификациите ќе се среди и тоа – вели Ванче Шиков.
Според она што Тошак го работеше изминатите денови во Охрид, како можен состав со која Македонија ќе го почне дуелот против Албанија е: Богатинов, Тодоровски, Шиков, Мојсов, Лазески, Демири, Шумуликоски, Ѓуровски, Хасани, Наумоски, Иваноски.
М.П.