Состојбата со нивото на Охридското Езеро, од Центарот за управување со кризи ја оценуваат како сериозна, но доста стабилна, со оглед на тоа што пред три години на овие датуми, нивото на езерото беше за околу 20 сантиметри повисоко.
Како што информираат од ЦУК-Охрид, водените текови во градот се под контрола, а се проценува дека состојба на поплавени подрачја нема да има. Според раководителот на ЦУК-Охрид, Митко Темелковски, пред два дена имало јавувања од граѓани за почетно продирање на вода во подрумските простории во с. Пештани, но вo текот на вчерашнот ден состојбата е стабилизирана.
„Тоа се должи на високото ниво на подземните води во целата охридска котлина и секако зголеменото ниво на Охридското Езеро. Тие продирања не се некој големи и мислам дека граѓаните имаат преземено одредени мери за да се самозаштитат.“ – вели Темелковски.
Тој истакнува дека високото ниво вода во сливните подрачја се стабилизираат, што значи дека состојбата со водните текови се смирува.
„Според нашата проценка, нивото на вода во Сатеска и Коселска река како сливно подрачје беше доста високо, но веќе од вчера попладне тие се стабилизираат и опаѓаат, што значи дека ќе имаме смирување на состојабта со водните текови. Поголеми излевања немаме. На дел од бавчите и ливадите во село Ботун имаме излевање од мал обем, како и во делот на Сливоски анови.“ – истакнува Темелковски.
Од ЦУК-Охрид велат дека општата констатација е дека поради обилни врнежи, одредени зони кои од порано се критични во охридскиот реон, ќе бидат стабилизирани во наредниот ден до два.
„Доколку има потреба, колегите од Дирекцијата за заштита и спасување во рамки на нивните можности и во координација со локалната самоуправа, ќе извршат одредени подготовки на граѓаните. Минатата година локалната самоуправа во делот на населбата Воска, изврши канализирање на дел од коритото на Грашница и она што ни беше константно поплавување на дел од индвидуалните куќи во тој дел од градот, веќе го нема и не претставува опасност.“ – додава Темелковски.
Тој апелира до граѓаните на разумно однесување и преземање мерки на самозаштита, бидејќи во последните неколку денови на телефонскиот број 195, се забележани и небулозни јавувања.
O.T.