Претставници на Регионалниот центар за управување со кризи од Охрид, градоначалникот на општина Дебарца, Љупчо Којчиноски, како и претставници од месната заедница и на црковниот одбор на с. Ороовник, вчера го посетиле реонот кај манастирот Св.Петка, каде поради зголемените врнежи од дожд и снег во изминатиот период, дојде до лизгање на дел од земјиштето во близина на манастирот.
-Од извршениот увид се констатира дека свлечиштето го оштетило патот пред самиот влез на манастирот и претставува потенцијална опасност за манастирот и за конаците, бидејки на повеќе места до свлечиштето има пукнатини кои можат да предизвикаат нови лизгања. Исто така, пукнатини има и на ридот над патот, при што може да дојде до свлекување на дополнителни количини од земја. Констатирано е дека во моментов не може и не треба да се преземаат активности за расчистување на одронот со механизација, поради опасност од дополнително растресување на земјата, па со тоа уште повеќе би се усложнила состојбата.-информираат од Центарот за управување со кризи.
Тие му сугерирале на црковниот одбор на манастирот, за претстојните Велигденски празници да преземат активности, со цел да се обезбеди ризичното место, а преку медиумите да ги информираат граѓаните да се воздржат од посета на манастирскиот комплекс со моторни возила.