После долги 15 години, Охрид на домашен терен ќе одигра меч од Првата лига. Гостин на охриѓани ќе биде еден од двата тима кој ги одигра сите досегашни сезони во елитата кратовски Силекс.

По првите две рунди “рибарите“ се уште чекаат на првата победа. Претрпеа пораз од Ренова со 2-0, а испуштија победа против Тетекс во финишот на мечот, откако имаа 1-0 водство. И освоениот бод беше доволен да се врати самодовербата на младата екипа на Охрид 2004.


Осовениот бод во Тетово ни симна голем товар, пред се психолошки од плеќите. Полека како одминува времето влегуваме во натпреварувачка форма, имаме млад и квалитетен тим кој од меч во меч ќе созрева  – вели стратегот на “белите“ Здравко Цветаноски.

Комплетниот играчки кадар е на располагање на Цветаноски . Единствена непозната останува кој ќе биде напаѓачкиот двоец, каде поденакво конкурираат стрелецот на голот во Тетово, Алими најдобриот стрелец од минатата сезона Клечакароски и младинскиот репрезентативец Каланоски.

Она што можам да ветам е дека пожртвувано ќе се бориме за првата победа. Посакувам на премиерата пред домашната публика да се прикажаме во добро светло и со победа да ги израдуваме охриѓани  –  завршува Цветаноски.

Можен состав: (4-4-2) Костунаров, Велески-Иловски-Белица-Ѓорески (кап), Брадониќ-Џалески-А.Далчески-Димоски, Клечакароски – Каланоски.

М.П.