Еден од најистакнатите членови на ВМРО ДПМНЕ од Охрид и пратеник во два мандати, Цветко Грозданов, е нов генерален директор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор – ЈПССДП. По назначувањето на функцијата Грозданов го даде и првото интервју за весникот „Вечер“ во кое тој зборувa за предизвиците од новиот професионален ангажман, но и за политичките амбиции.

Грозданов најавува подобрување на социјалната слика во земјата преку воведување нова станбена политика, изградба на евтини комерцијални станови изградба на нови социјални и станови за млади брачни парови, како и катни гаражи.

Во интервјуто Грозданов кој сега живее и работи во Скопје посочува дека не се откажува од амбициите да се кандидира за градоначалник на Охрид, упатувајќи критика за моменталните состојби во градот.

– На Охрид му треба човек кој ќе може да му го врати ликот, достоинството, магијата, сите карактеристики што го правеа бисер на Балканот, а кои во изминатите години ги изгуби и од културна мека се претвори во панаѓур. Јас секогаш ќе имам капацитет и желба да се трудам и со сиот свој потенцијал да се борам против она што го обезвреднува и да придонесам да се зачува автентичноста. Не кријам дека имам амбиција и капацитет за градоначаланик. Но, не би сакал да звучи како шаблон, јас се ставам на располагање на премиерот Груевски и ќе работам секаде каде што тој смета дека може да го искористи мојот капацитет. Бидејќи заедничка желба ни е Македонија да стане убаво место за живеење, држава на среќни луѓе.-изјави во интервју за дневниот весник „Вечер“ новиот директор на ЈПССДП, Цветко Грозданов.

OhridNews