Изградбата на автопатот Охрид – Кичево се одвива со одлична динамика, а за прв пат во Македонија и во целиот регион се применува најновата европска директива за безбедност во сообраќајот, особено во делот на тунелите. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски од Охрид каде учествуваше на меѓународната конференција „Современи предизвици за владеењето на правото: улогата на уставните судови“.

Најави дека целата делница со сите потребни документи ќе биде пуштена во употреба до крајот на мај.

​Тоа што правиме во моментов е спроведување на најновата европска директива за безбедност во сообраќај, особено во тунели, така што се прават сите потребни тестирања со цел да имаме највисоко ниво на безбедност во рамки на тунелот. И ова ќе е првпат оваа европска директива да биде применета не само во Македонија, туку во целиот регион, изјави Николоски, додавајќи дека веднаш по завршувањето на тестирањата во функција ќе биде пуштен најтешкиот дел од трасата, од кичевското село Извор до Врбјани во Дебрца.

​Тој нагласи дека на овој потег градежните работи се веќе целосно завршени, што е видливо и на терен, па неговото пуштање се очекува во следните неколку недели. Притоа, пробиени се двете тунелски цевки со должина од 2.100 и 1.990 метри, што ги прави најдолги тунели во државата, а целосно се изградени и четирите галерии, трупот на патот, мостовите и вијадуктите.

​Од тоа што го видов на терен морам да кажам дека сите се ангажирани, и изведувачите и надзорот навистина прават одлична, огромна работа. Остануваме на она што го ветивме, а тоа е согласно роковите до крајот на мај месец да имаме не само целосно пуштен автопат, туку и автопат со сите потребни документи – нешто што за жал не сме го гледале често во минатото, порача Николоски.

Воедно, информираше дека се разговара и со изведувачот „Бехтел и Енка“ за дефинирање на рутата по која ќе поминува патот од Требеништа до Ќафасан.

Се обидуваме да ја најдеме најоптималната варијанта којашто ќе значи секако да го зачуваме статусот којшто го има целокупниот регион, значи не само градот Охрид и Струга, туку целокупниот регион. И очекувам за брзо време, можеби и со почетокот на градежната сезона, веќе да имаме и градежни активности, потенцираше Николоски, додавајќи дека одлуката треба да ја донесат експертите за животна средина и градежништво.

 

Н.С.Ј.