На последната седница на Собранието на Република Македонија пред новогодишните празници, пратеникот од Охрид Томислав Тунтев го запраша премиерот Груевски до каде е изградбата на најавениот хотел кај Горица.
-На 23 февруари 2015 година, пред повеќе од 10 месеци, започнаа подготвителни градежни работи кај месноста Горица, каде што според најавите од власта требаше да се изгради хотел од брендот “Small luxury hotels”. Изградбата на хотелот на површина oд околу 7000 метри квадратни помпезно беше најавена од медиумите, како и од локалната и од централната власт дека ќе има десетици вработувања, развој на градот, инвестиција од 12 милиони евра. Се подигнаа огради се поставија неколку багери и тоа беше се. Единствениот зафат беше во април кога се исече боровата шума, но од инвестицијата ни трага ни глас. – истакна меѓу другото пратеникот Тунтев.
Одговарајќи на пратеничнкото прашање премиерот Груевски рече дека се работи за приватно земјиште купено од приватен инвеститор на лицитација.
-Околу тоа кога ќе почне градбата на хотелот ве упатувам кај инвеститорот.-рече Груевски. Тој додаде дека владата прави многу за развој на туризмот во Охрид и ќе прави и дека не може да се мери сработеното во оваа област од времето кога СДСМ биле на власт и сега.
Тунтев побара одговор од премиерот и за изградбата на туристичката зона во Градиште, која, како што истакна, зафаќа површина на која има имоти на десетици семејства од Пештани кои 15 години водат спор со државата за денационализација. Тој го праша премиерот зошто не е решено ова прашање како што им ветил на пештанци во 2008 година при посетата на наколната населба кај Градиште.
-Јас никогаш лесно не давам ветувања на граѓански прашања и добро паметам што сум одговорил, одговори Груевски, додавајќи дека пратеникот манипулира со луѓето кои имаат судски спорови околу денационализацијата и сака да им се додвори на гласачите. Се работи за комплексно прашање кое лесно не може да се реши, ако беше така да не заборавиме СДСМ беше 4 години на власт што не го реши, возврати Груевски.
-Ниту сум се додворувал ниту имам таква намера, луѓето побараа помош да ве прашам јавно овде за нивните проблеми. Јасно реков дека овој проблем датира од пред 15 години, тука влегуваат и една и друга влада, но 10 години од кога вие сте на власт не е ништо направено за ова прашање.-додаде Тунтев.
Пратеникот и премиерот имаа различни ставови и околу изградбата на автопатиштата од страна на кинески ивеститор во Македонија, меѓу кои е и делницата Охрид – Кичево. Тунтев смета дека сумата од над 300 милиони евра е превисока, прашувајќи дали можеби тоа се должи на провизијата побарана од кинескиот инвеститор за која станува збор во објавените прислушкувани разговори.
-Пратеникот и СДСМ се обидуваат да прикажат лажна слика во јавноста од причина што кога беа на власт не се сеќаваме дека изградиле нешто, а камоли вакви крупни инвестиции како што е автопат. – одговори Груевски, додавајќи дека не е точно дека било когаш зборувал за провизии.
-Не можам да разберам зошто патиштата се делат на вмровски и сдсмовски. До 2006 изградени се 260 километри автопат за 260 милиони евра. Доаѓам од таа фела знам како се формира цената, тоа зависи од конфигурацијата на терен и.т.н., но овие цени за автопатиштата се ненормални, како да се работи за изградба во Норвешка каде поврзуваат фјордови, вакви цени нема никаде во регионот. – дополни пратеникот Тунтев.
OhridNews