Во врска со информациите кои деновиве се актуелни околу, наводното изготвување на нов закон за заштита од пушењето од страна на владата, на својата фејсбук страна се огласи и охридскиот пратеник Томислав Тунтев. Како што пишува Тунтев, во интерес на објективното јавно информирање и смирување на страстите, добро е да се знае дека во овој момент не постои никаков нов предлог закон што го изготвила Владата.
– Ниту има било каков нов предлог што е во владина процедура, ниту пак било какви работни групи изготвиле некаков нацрт текст… такво нешто не постои! Во овој момент во собраниска процедура е предлогот на 7 пратеници за измени во законот, што се однесуваат само на терасите надвор од угостителските објекти, онаму каде што и сега пушењето е дозволено – да може да се пуши без оглед на моменталните метеоролошки услови… на комисијата за здравство во јули едногласно беше донесена одлука да се организира јавна расправа за овој предлог закон, што ќе се реализира по завршување на локалните избори, односно со продолжување на работата на Собранието, вели Тунтев.
Додава дека како еден од предлагачите на законот,тој предложил јавна расправа во Собранието и дека исто така, целосно ја поддржува јавната дебата околу регулацијата на пушењето. Смета дека при евентуално ново законско регулирање на ова прашање треба да се слушне мислењето на сите засегнати страни, затоа што станува збор за исклучително важно прашање кое ги засега сите чинители во Македонија, почнувајќи од граѓаните на земјава – и непушачите и пушачите – до потрошувачите, угостителите, хотелиерите, трговците, индустријалците, тутнопроизводителите и други.
– Многу е важно да се знае дека овде не станува збор за тоа дали пушењето е штетно по здравјето на луѓето или не – тоа е повеќе од јасно… и овде не станува збор за никакво укинување на законот или на забраната за пушење во јавните институции, установи, објекти и затворени простории… не… при донесување на било какво законско решение секогаш во прв план ми е заштитата на здравјето на населението и тоа е прироитет… овде станува збор само за отстранување на причините за субјективно, самоволно и селективно тумачење и спроведување на законските одредби и за создавање на еднакви можности за сите угостители, вели Тунтев.
Потенцира дека предлог законот што е во собраниска процедура нема никаков политички или партиски предзнак и дека за негово донесување предлагачите лобираат кај сите пратеници, без оглед на нивната партиска, етничка, верска, национална или родова припадност.
Според информациите кои деновиве можеа да се чујат или прочитаат на медиумите, владата подготвувала комплетно нов закон за пушење, при што пушењето ќе се дозволело секаде, освен во локалите каде се служи храна, и дека угостителите ќе одлучувале дали ќе се пуши во нивните кафулиња.
OhridNews













