Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе четири амандмани на предлог – Законот за јазици, кои што ќе значат унапредување на правата на етничките заедници во земјата, изјави денеска на прес конференција пратеникот од Охрид Томислав Тунтев, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата.
-За нас исклучително важно заеднички да дојдеме до законски решение кое навистина ќе биде во интерес на сите граѓани во оваа држава и во таа насока се и нашите предлози.
Со амандманските решенија се унапредува позицијата на помалите етнички заедници кои што се наведени во Преамбулата на Уставот, со што ќе се овозможи и овие заедници да остваруваат одредени права предвидени во предложеното законско решение. – рече Тунтев.
Со предложените измени, исто така, се предлага и намалување на висината на казните што беа наменети за институциите кои што нема да го почитуваат овој закон. Според нашиот предлог, казните од четири илјади до пет илјади евра се намалуваат на една до две илјади евра.
–Ние како пратеници сме задоволни што за предложените амандмански решенија добивме поддршка и од нашиот коалициски партнер ДУИ. Наша заедничка цел е да дојдеме до квалитетно решение кое што и практично ќе биде применливо. Сепак интенцијата да дојдеме до навистина квалитетно решение не застанува тука. Владата не информираше дека постои заклучок Министерството за правда преку МНР да побара мислење од Венецијанската комисија за целиот текст на законот по неговото усвојување, како и за отворените прашања кои не се дел од овој закон, а веќе се доставени на мислење до Венецијанската комисија. – истакна Тунтев.
OhridNews