Кошаркарските репрезентации на Турција и Германија ќе се сретнат во финалето на ФИБА Евробаскет 2025. Двата тима сè уште не се поразени на првенството, но тоа ќе се промени во недела во Рига, Латвија.

Турција за која настапува родениот охриѓанец Џеди Осман, прикажа импресивна игра и убедливо ја победи Грција со 94-68,  обезбедувајќи место во финалето само втор пат по 2001 година. Ерџан Османи беше ѕвезда на вечерта со 28 поени, 18 во првото полувреме, Алперен Сенгун додаде 15 поени, 12 скока и 6 асистенции.

Претходно и Германија обезбеди место во финалето откако ја победи Финска со 98-86 во натпревар со многу поени. Денис Шредер го предводеше победникот со 26 поени и 12 асистенции, а Франц Вагнер додаде 23 поени во победата.

Финалето Турција – Германија во недела се игра во 20 часот по македонски време. Претходно во натпревар за 3 место од 17 часот ќе се сретнат Грција и Финска.

Турција предводена од одличниот селектор Ергин Атаман ќе атакува на својата прва титула на Европските првенства, додека Германија се обидува да додаде уште еден дијамант на круната по единствен триумф на ЕП во 1993 година.

42 издание на ФИБА Евробаскет се одржува во четири земји: Кипар, Финска, Латвија и Полска.

Г.М.
Фото: ФИБА