
-Не само на Охрид, туристичка полиција е потребна во цела Македонија. Како секоја друга стопанска дејност така и во туризмот постојат одредени прекршоци кои треба да бидат санкционирани и навремено откриени. Таа туристичка инспекција или полиција би требало превентивно да делува кај туристичките работници особено оние кои имаат непосреден контакт со клиентите а да не станува збор за придружници, туристички или планински водичи. Нормално треба да се вршат редовни контроли на организаторите на туристичките патувања односно туристичките агенции кои се врската на давателите на услугите и клиентите, вели Антонио Додески интернационален планински водич.
На територијата на Охрид во моментов има 10 професионални водичи на планина а 13 се во процес на обука и ги очекуваат документите за работа во скоро време. 30 охриѓани пак, се лиценцирани туристички водичи, на нивна сметка функционираат околу стотина диви водичи на планина и низ Охрид, за кои најверојатно најдобар лек била туристичката инспекција .
-Често пати, групите туристи на планина ги водат буквално луѓе кои знаат само една планинска патека и ништо повеќе. Тие самите не се толку виновни колку што се туристичките агенции кои на нивниот грб сакаат да спечалат некој денар повеќе. Но со тоа се создава лоша слика бидејќи незадоволството нормално е на страна на клиентите кои веројатно никогаш нема да се вратат кај нас. Оставаме еден лош впечаток, додава Додески.
Новиот закон кој во моментов се подготвува е во полза на професионалните водичи, без дупки кои во моментов се во прилог на дивите.
A.Б.












