Македонските туристички потенцијали ќе бидат претставени на Саемот за туризам „EMITT“ во Истанбул, Турција кој ќе се одржува од 28-ми до 31-ви јануари 2016 година.
Оваа престижна саемска манифестација која се организира по 20-ти пат е една од најпосетуваните во регионот. Во 2015 година на овој саем биле презентирани 4.500 учесници од околу 70 земји, а истата ја посетиле повеќе од 130.000 посетители.
Според известувањата кои ги има објавено Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, Македонија ќе биде претставена и пред посетителите на саемот за туризам „Brussels holiday fair“ кој ќе се одржува во Брисел, Белгија од 4-ти до 8-ми февруари. Македонија ќе има промотивен штанд и на саемот за туризам „Holiday i spa“ кој од 11-ти до 13-ти февруари ќе се одржува во Софија, Бугарија, како и на Саемот за туризам во Белград, Србија кој ќе се одржува од 18-ти до 21-ви февруари 2016 година.
Инаку во текот на овој месец Македонија имаше свое претставување на саемот за туризам „Vakantiebeurs“ кој се одржуваше во Утрехт, Холандија.
OhridNews