Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестициите Фатмир Битиќи и градоначалникот на Општина Вевчани Сашо Јанкоски денеска извршија увид во комплетно опремениот Туристички центар во реновираното поранешно училиште „Страшо Пинџур“ во Вевчани.

Заев посoчи дека Туристичкиот центар „Вевчани“ е Центар каков што би посакале и најмодерните европски општински средини. Пред да се реконструира овој објект, беше зграда на старото основно училиште „Страшо Пинџур“ – Вевчани. Самиот објект преставуваше импозантна градба изградено од 1948 до 1951 година од страна на вевчанските неимари и токму наследниците на тие градители учествуваа во неговата ревитализација и нова функционалност.

Со овој објект се овозможува промоција и развој на туризмот, не само на Вевчани, туку и на целиот овој регион кој пошироко со Дебар и Дебарца, со Струга, Охрид, регионот Преспа, па дури и Пелистер и Битола, претставува еден од нашите најсилни и најатрактивни туристички потенцијали, потенцира Заев.

Вицепремиерот Битиќи истакна дека Туристичкиот центар „Вевчани“ е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, кој се спроведува во заедничка соработка меѓу Владата, Делегацијата на Европска Унија и канцеларијата на Светска Банка, преку кој се спроведуваат 57 потпроекти во 10 туристички дестинации.

Проектот за локална и регионална конкурентност се реализира во вкупна вредност од околу 21 милион евра и Програмата ТАВ, со која се реализираат 94 инфраструктурни проекти во речиси сите општини, во вредност од речиси 50 милиони евра, се одличен показател дека оваа Влада, како ниедна претходно, е насочена кон рамномерниот регионален развој и обезбедување подобри услови за живот на граѓаните и поквалитетни услови за локален економски развој на стопанството низ целата држава. Туристичкиот центар во Вевчани ќе ја зголеми атрактивноста на оваа дестинација и ќе збогати искуството со кое ќе се здобијат туристите при посета на Општина Вевчани, потенцираше Битиќи.

Градоначалникот на Вевчани Јанкоски рече дека со реализацијата на овој проект конечно е остварен сонот на вевчанци за реконструкција на старата училишна зграда. Со Туристичкиот центар, како што нагласи, се отвораат можности за развој на локалните капацитети и подобрување на атрактивноста на општината, на Струга и Охрид и поширокиот регион.

Инаку, Туристичкиот центар „Вевчани“ е модерен мултифункционален објект чија корисна површина е 1.400 метри квадратни. Опремени се голема конгресна сала, неколку сали за семинари, музејска просторија за презентирање на флората и фауната од заштитеното подрачје Споменик на природа „Вевчански извори“ и планината Јабланица. Има инфо центар, продавница за сувенири, отворена галерија за промоција на богатото културно наследство на Вевчани, со опрема за функционално уредување на мултимедијален туристички центар и за дизајнирање и печатење на промотивни материјали, како и простории со други придружни содржини како што се фитнес и бодибилдинг сала.

 

 

OhridNews