– Мислам дека ја постигнавме целта и ги промовиравме туристичките уабавини на Македонија. Овој пат беше претставен Охрид како наш главен адут, а верувам дека ќе следат уште вакви презентации, што најмногу ќе зависи од логистичката поддршка што ние ќе ја добиеме првенствено од туристичката заедница и државата, која не треба да биде само декларативна, истакна амбасадорот на Македонија во Брисел, Мухамед Халили.
За туристичките можности на Охрид зборуваше професорот од ФТУ Охрид, д-р Зоран Тунтев, кој смета дека ваквите презентации се најдобар начин за промоција на Охрид пред пошироката европска јавност.
– Охрид е интересен за овдешните туристи кои често патуваат во јужните краишта, посебно заради културните знаменитости, природата, но и заради цените, истакна Тунтев, кој пред присутните ги претстави седумте адути, чуда, поради кои треба да се посети Охрид. Тој изрази надеж дека иницијативата што потекнува од Амбасадата на Македонија во Брисел и од општина Охрид, ќе вроди со плод и вакви презентации ќе се одржат и во други земји, со што ќе се анимира пошироката европска јавност и ќе и се претстават туристичките потенцијали на Македонија. Тунтев посочи дека европските туристи многу малку знаат за Македонија и затоа е потребно поактивно да се промовираат туристичките потенцијали на земјата во Европа.
Според д-р Диeл Аголи, туристички работник, мултикултурна Македонија која изобилува со природни убавини и богато културно-историско наследство е интересна дестинација за туристите од Белгија. „Во Македонија има што да се види. Тука едноставно можете да патувате низ времињата назад во историјата и да уживате во убавините на природата како ретко каде“, истакна на презентацијата, д-р Аголи.
Дончо Танески од ХОТАМ, смета дека презентацијата на Македонија во Брисел на која се работело подолг период со партнери од Белгија и авиокомпанијата „Скајвингс“ ќе вроди со плод во наредните години.
-Првичните подобри резултати може да ги очекуваме во 2011 година, иако постои интерес од помали групи на туристи од Белгија да ја посетат Македонија и оваа година. За тоа ќе придонесе и воспоставувањето на директната авионска линија на „Скајвингс“ од Брисел за Скопје, а доколку групите бидат поголеми од 30 патници, авионот ќе слетува и во Охрид.-истакна Танески.
Задоволство од презентацијата искажаа и белгиските туроператори, кои неодамна го посетија Охрид за лично да се уверат во туристичките можности на градот.
– Мислам дека беше одличен потег за пошироката јавност во Белгија да се запознае со туристичките потенцијали на Македонија и верувам дека од следната година тие ќе почнат поорганизирано и во поголеми групи да доаѓаат во вашата земја. Претстои уште многу работа, а наскоро тука ќе започнеме и со интензивна пропаганда преку медиумите, што верувам ќе вроди со плод, истакна Лик Рејнхингс, менаџер на белгискиот туроператор „Тофи турс“.
Туристичката презентација на Охрид во Брисел, е прва од ваков вид во некоја од европските метрополи. Се очекува во наредниот период Охрид да биде претставен и во други европски градови, а според туристичките работници посебен акцент треба да се стави на земјите кои претседаваат со Европската Унија.