Откако физибилити студијата за изградба на скијачки центар на планината Галичица даде „зелено светло“ за овој капитален проект, голем број туристички работници од Охрид во инвестицијата гледаат спас за градот и враќање на младите во родниот крај. Овој центар , кој освен во зима, би служел за сместување на голем број гости и во текот на летниот период, ќе биде лоциран над месноста Градиште од каде е планирано да поаѓа главната гондола на ски лифтот.
Како што многуминаа сметаат, главниот адут на ски-центарот ќе бидат природните пејсажи со поглед на двете езера, а градот за брзо време може да се надева на продолжување на и онака кратката туристичка сезона.
„Изградбата на скијачкиот центар ќе биде спас за охриѓани. Градот за многу брзо време може да стане една од најбогатите општини не само во Македонија, туку и на Балканот, имајќи предвид дека ќе ги имаме летната и зимската туристичка сезона. Замислете само, сите оние сместувачки капацитети во Охрид кои зјаат празни во зима, да ни се полни уште еден месец за почеток.“ – вели професор д-р Зоран Тунтев од Факултетот за туризам и угостителство Охрид.
Заживување на крајбрежните села, можност за отворање мали бизниси
Како што објаснува Тунтев, овој капитален проект би претставувал вистинска можност за стотици охридски семејства да отворат мали бизниси крај скијачкиот-центар, да ги прилагодат сместувачките капацитети, односно да се врати сјајот на селата на источното крајжбрежје.
„Во текот на зимата, ќе треба да се преструктуираат сместувачките капацитети, да се пофлексибилни и да се прилагодат на тие зимски услови. Без разлика каде ќе се гради тој скијачки центар, погледот одозгора ќе биде дополнителна атракција за сите гости кои доаѓаат во Охрид. Верувам дека на уште 100 охриѓани ќе им се даде шанса да размислат за отворање на сопствени бизниси. Да се размисли што се ќе им треба на тие гладни усти горе на планината. Сигурен сум дека ќе се активираат тие рурални домаќинства, приватни сместувачки капацитети во околните села. Ќе им се даде шанса на луѓето да бидат понасмеани, ќе вратат некој млад човек од Скопје или странство, а не гледам ниту една негативна страна во тој контекст.“ – објаснува Тунтев.
Да се искористат постојаните сместувачки капацити
Многумина сметаат дека треба да се искористат постојаните сместувачки капацитети, кои во поголемиот дел од годината зјаат празни. Според Тунтев, изградба на рекреативен центар, неколку ресторани кои ќе нудат исклучиво традицонална храна и паркинг простор, би биле идеални за заживување на овој реон.
„Галичица како и секој национален парк неслучајно е заштитена со закон и нормално, УНЕСКО и експертите би реагирале на евентуално масовно експлоатирање. Сметам дека доволно е гондола со рекреативен центар, услови за скијање, бачило и два ресторани, односно паркинг. Тоа би било кец на десетка во услови кога Охрид се профилира како туристичката дестинација, но исклучително летна. Од друг аспект, Галичица е сува планина. Некаде над 1300-1400 метри н.в. нема вода и изградба на каков било капацитет би била скапа инвестиција. Исто така, постои податок низ стручните трудови дека секој објект изграден на планина би експлоатирал околу еден хектар шуми, пасишта или плодна почва.“ – вели Тунтев.
Сопствениците на приватни сместувачки капацитети од Пештани, велат дека селото за многу краток период може да се прилагоди во насока на развој на зимскиот туризам.
„Иако сме песимисти, ако ова успее ќе биде многу добро за Пештани и целиот регион. Жителите од селото се уште имаат надеж, но се често разочарани. Во случај навистина да се изгради овој ски-центар, веруваме дека капацитетите брзо ќе се прилагодат, иако во моментов само неколку објекти би можеле да одговорат на потребите во зима.“ – велат од семејството Башоски, сопственици на приватни сместувачки капацитети и туристичка агенција во ова крајбрежно село.
Задржување на гостите во летниот период
Просечниот престој на гостите во Охрид за време на летото изнесува два до три дена. Според Тунтев, изградбата на овој центар би ги задржал туристите во градот ден повеќе, односно би се збогатила самата туристичка понуда.
„Доволна е гондолата и некаква активност во центарот. Ако ништо друго, еден добар ручек, јагнешко под сач, ѓомлезе, ајвар, како би ги задржале ден повеќе туристите. Порано правев просечни проценки со релативни цифри. Ако во Охрид во просек во лето имаме 20 000 гости и тие во просек трошат по 50 евра дневно, што е некој миниум во европски рамки, тоа се милион евра промет. После третиот ден, очигледно е тешко да ги задржиме тие луѓе, а милион евра ни бегаат. Кој оди до Битола, до Скопје, Маврово, кој преку граница до Солун или Атина. Со овој чин, би ги задржале тие милион евра во текот на летото.“ – вели Тунтев.
Галичица е веќе афирмирана дестинација
„Галичица е веќе афирмирана дестинација за сепак малубројните поклоници на екстремните спортови и меѓународниот натпревар во параглјадинг секој Август. Националниот парк Галичица во соработка со Факултетот за туризам во пар наврати организирал обуки за сертифицирани планински водичи низ паркот. Гости од западните земји, особено Холанѓаните прво што бараат кога ќе дојдат тука, е мапа на националниот парк и обележаните патеки. Елшани (во состав на територија на националниот парк) е веќе на добар пат да стане развиена еко –дестинација, со мали сместувачки капацитети кои ги нуди, сафари со магариња и можност за кулинарски работилници каде би се подготвувала храна на традиционален начин.“ – вели Алберта Гулицовска, туристички водич од Охрид.
Туризмот ја поттикнува еколошката свест
Иако туризмот во глобала има експлоатирачка моќ, сепак многу научни трудови покажале дека истиот ја подигнува еколошката свест кај локалното население.
„Туризмот е експлоататор, но има една префинета нијанса да заради туристите, локалното население чисти дополнително. Ако поминете по патот за Св. Наум после 2-ри август, околу селата на приодот кон Галичица создадени се мини депонии, а секој помал паркинг е полн со отпад во недостиг на туристи. Мое мислење е дека ако не се изгради некаков голем објект кој ќе наруши многу од еко-системот, ако нема никакви тектонски пореметувања при тие архитектонски зафати, јас не гледам пречка или негативна конотација да Охрид заживее и на зима.“ – потенцира Тунтев.
Подготовка за распишување на меѓународен тендер за потенцијални инвеститори
Во тек е подготовка за распишување меѓународен тендер, а во привлекување на потенцијални инвеститори ќе бидат вклучени и економнските промотори на владата, најави градоначалникот Бакрачески. Ски центарот на Галичица ќе биде лоциран над месноста Градиште од каде е планирано да поаѓа главната гондола на ски лифот. Ќе има 15 километри скијачки патеки, што ќе го вбројуваат во категоријата мали ски центри, чиј главен адут ќе бидат природните пејзажи со поглед на две езера.
O.T.
фото: „Миле Илоски“