Туристичките работници и угостителите се задоволни од големиот број туристи кои деновиве престојуваат во Охрид. Како што се предвидуваше, градот е прилично полн за овој период од годината.
Занаетчиите се задоволни од посетеноста на нивните дуќани и заинтересираноста кај гостите за нивните традиционални ракотворби.
„Може да се каже дека сме добро посетени од туристите. Воглавно, нашата проценка е дека овие денови Охрид е полн како во летниот период. Нормално, задоволни сме од заинтересираноста за нашите производи, односно за рачната изработка на хартија.“ – велат од работилницата за рачна изработка на хартија која се наоѓа веднаш до куќата на „Робевци“.
И угостителите се задоволни од посетеноста, а многумина посакуваат Охрид вака да биде полн во текот на целата година.
„Задоволни сме од гостите кои престојуваат на охридската ривиера. Претежно тоа се туристи од соседните земји, а најмногу ги има Србите. Посакуваме во текот на целата година Охрид да е вака посетен. Така ќе има и за нас и за луѓето кои живеат тука.“ – велат од еден охридски ресторан.
Туристите кои престојуваат во градот, велат дека Охрид има да понуди многу работи кои се несекојдневни и автентични.
„Оваа година, за прв пат сме тука и сме воодушевени од градот и гостопримството. Имаме многу слушано за Охрид, па одлучивме да се увериме во она што ни го раскажаа нашите пријатели. Имате премногу работи кои не можат да се видат за еден ден.“ – вели еден српски турист кој го затекнавме во централното подрачје.
Според него, за градот да биде посетен во текот на целата година потребно е соодветно патно поврзување со остатокот од земјава и побогата понуда на охридските ноќни клубови.
„Она што мислам дека му фали на градот се повеќе ноќни клубови со побогата понуда за младите. Можеби ви треба една класична дискотека која ќе работи до раните утрински часови. Друго што ми остави впечаток е патната инфраструктура која води до Охрид. Под итно ви се потребни патишта. Доколку градот е поврзан со автопат, јас лично би доаѓал тука четири пати годишно наместо во Грција.“ – додава српскиот турист.
Првите впечатоци кај охриѓани се дека оваа година градот е доста посетен за првомајските и велигденските празници, а сите се надеваат дека престојната туристичка сезона ќе биде подобра од ланската.
O.T.