Направени се сериозни пропусти во просецот на попишување, прекршени се Уставот и бројни прописи, а многу граѓани не се попишани, истакнаа од Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Македонија, кое не ги признава и не ги прифаќа објавените бројки и проценти за Турците во пописот, оценувајќи ги истите како нерелани.

Нашите барања беа занемарени и игнорирани. Ваквиот пристап на надлежните институции го засенија целокупниот пописен процес. Доколку беа земени предвид нашите барања и забелешки согласно Уставот и законите, првично од Државниот завод за статистика, ќе беа решени повеќе од горенаведените проблеми и пропусти. За жал овој Попис ќе се памети како занемарен од надлежните институции со многу неодговорени прашања и игнорирање на нашите барање. Од горенаведеното може да се заклучи дека се повредени правата на турскиот народ кој е еден од државнотворните народи на РСМ и еднаков со другите, велат од Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во земјава.
Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Македонија, кое е составено од претставници на турски невладини организации, политички субјекти од турската заедница, истакнати турски интелектуалци, универзитетски професори и други влијателни личности од турската заедница во земјава, најави дека ќе ги искористи сите законски инструменти и демокрстски права во врска со штотуку завршениот Попис кој оваа заедница го оспорува.
Г.М.
 
					



 
							







 
					