Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Фалсификување исправа“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 44- годишно лице од Истанбул, Република Турција, на кое од страна на судија на претходна постапка од Основниот суд во Охрид, му е определена мерка притвор во траење од осум дена.

– СВР Охрид, имајќи сознанија за  нелегално присуство на турски државјанин кој поседува турски и најверојатно фалсификувани бугарски документи  со различен идентитет, на 27-ми минатиот месец изврши претрес во домот на пријавениот лоциран на  улицата „ Даме Груев“ во Охрид. Притоа, пронајдена е и одземена една бугарска  патна исправа што ја користел пријавениот. Тој, во 2015 година на лица од Турција им дал негова фотографија и им платил 15000 евра да му изготват бугарски пасош со важност до 2017 година. Пријавениот, во месец ноември 2015 година, бугарскиот пасош го употребил во Република Турција, а потоа го внел во Република Македонија со намера да го искористи како вистински, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

На 26-ти минатиот месец во Охрид, пријавениот управувајќи патничко моторно возило марка „Пежо“ со охридски регистарски таблици предизвикал сообраќајна незгода по што се обидел да избега од местото на настанот.

OhridNews