Турски параглајдерист принудно слетал во околина на врвот Магаро по што интервенирала Планинаската спасителна служба (ПСС) Охрид при Црвен крст Охрид. Имено, како што информираат од ПСС вчера околу 16:30 часот, до оперативниот центар бил упатен повик за помош од вработен во НП Галичица.
На наплатниот пункт „Дервен“ лице од Турција пријавило дека негов пријател – параглајдерист – принудно слетал во околината на врвот Магаро и му е потребна евакуација. По брза координација и утврдување на точната локација, параглајдеристот беше лоциран на тешко пристапниот и карпест дел, на западната страна од планината. Несреќата се случила околу 16:00 часот, кога, од засега непознати причини, пилотот изгубил целосна контрола над крилото и бил принуден да го активира резервниот падобран. За среќа, слетал без физички повреди, посочуваат.
Од моментот на пријавата, велат, операторот од ПСС останал во постојан контакт со параглајдеристот, а истовремено, спасувач од ПСС кој се наоѓал во Планинската куќа „Спиридон“ веднаш се упатил кон локацијата, додека дополнителен тим од 5 спасувачи останал во приправност во Охрид, подготвени за асистенција доколку е потребно.
Околу 18:00 часот, спасувачот пристигна до местото, му даде храна и вода на параглајдеристот, и заедно безбедно се вратија кон Планинската куќа. Со оглед на локацијата, околностите и среќниот исход – оваа интервенција ќе остане запаметена како вистинско чудо во меморијата на нашата служба. Огромна благодарност до сите вклучени, а на пилотот му посакуваме многу побезбедни летови во иднина, велат од ПСС Охрид.
OhridNews