Грците, Турците, Србите и Бугарите биле најбројни туристи кои ја посетиле Македонија во ноември 2014 година. Според објавените податоци на Државниот завод за статистика,  во ноември минатата година земјава ја посетиле вкупно 36.475 туристи и бележи раст од 6,9 проценти во однос на ноември 2013 година.

Бројот на домашните туристи во ноември 2014 година, во однос на ноември 2013 година, е зголемен за 7,5 отсто, а бројот на странските туристи е зголемен за 6,6 отсто. Бројот на туристи од Грција изнесува 3.434, од Турција 2.667, од Србија 2.581 и од Бугарија 1940.

Според податоците на Државниот завод за статистика,  во ноември 2014 година  бројот на ноќевањата изнесува 81.307 и бележи зголемување за 2,9 отсто во однос на ноември 2013 година.

Бројот на ноќевањата на домашните туристи во ноември 2014 година, во однос на ноември 2013 година, е намален за 0,2 отсто, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 5,5 отсто.

Во периодот јануари-ноември 2014 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 5,3 отсто и тоа кај домашните туристи има зголемување за 3,2 отсто, а кај странските има зголемување за 6,8 отсто. Бројот на ноќевањата, пак, е зголемен за 2,1 отсто. Кај домашните туристи има намалување за 0,2 отсто, а кај странските има зголемување за 5,4 отсто.

OhridNews