Од 3 до 6 јуни 2014 година во Охрид ќе се одржи Меѓународната манифестација за дегустација на тутун и тутунски преработки „ИТТА-ОХРИД 2014“–Можности за потврда на квалитетот на Македонскиот тутун и тутунски производи и освојување на нови пазари.

На тридневниот настан, покрај претставници од Македонија, најавено е присуство и на претставници од Србија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, БиХ, Германија, Турција, Индија, Грција и од други земји.

Се очекува присуство на повеќе од 30 претпријатија со повеќе од 60 тутуни и тутунски преработки за оценување. Интенцијата на организаторите е настанот да прерасне од регионален во светски собир.

-За време на тридневниот собир оние кои ќе дојдат ќе можат да се запознаат со различните видови на тутуни и тутунски преработки кои ќе бидат оценувани од стручни дегустатори. Истовремено ќе се запознаат со перспективите и можностите за промоција на уникатниот бренд на Македонија-македонското жолто злато–тутунот, изјавија деновиве за медиумите дел од организаторите од ИТТА.

За учесниците на манифестацијата организаторите  имаат обезбедено медиумска поддршка од релевантниот интернационален магазин „Тhe Tobacco Journal International“, соработка со Меѓународниот саем „ИНТЕРТАБАК“-Дортмунд, кој е еден од најголемите саеми во светот специјализиран за тутун и тутунски производи. Исто така ќе биде изработен и магазин во којшто ќе биде прикажан настанот и сите негови учесници. Ова издание ќе биде испечатено во 10.000 примероци и ќе биде дистрибуирано на секој посетител на саемот во Дортмунд.

OhridNews