Фер и успешен туризам се гради со информирани туристички работници, почитување на законските обврски и еднакви правила за сите. Фер туризам започнува со пријавен доход. Ова беше посочено на денешната средба во Охрид реализирана од страна на стручен тим од Управата за јавни приходи во соработка со Општина Охрид со издавачите на вили, апартмани и соби, хотелиери, угостители, како и претставници на други дејности поврзани со туризмот.

Средбата беше посветена на запознавање на туристичките работници со нивните права и обврски, со посебен акцент на пријавувањето на доходот од издавање недвижен имот, ангажирањето сезонски и повремени работници, како и пријавувањето на доходот од дејности од времен карактер.

Туристичкиот сектор е наш двигател на локалната економија и овој настан токму затоа има цел да ги информира сите даночни обврзници за навременото и точно пријавување на остварениот доход, како и да им даде навремена, точна информација како своите даночни обврски треба да ги подмират, рече заменик градоначалничката на Општина Охрид, Ана Крстеска.

​Денес зборуваме за многу значајна соработка помеѓу институциите, како што е локалната самоуправа, УЈП и сите други надлежни институции, секако бизнис секторот. Она што е најважно е да се обезбеди фер туризам, лојална конкуренција, да ги отстраниме сите нелегални станоиздавачи, да се регулира плаќањето на доходот на сите оние кои закупуваат простор, дали се тоа станови, апартмани, вили, соби, вклучувајќи ги и оние кои издаваат преку интернет операторите простор во нашиот град. ​Особено е значајно да постои координирана и континуирана соработка помеѓу институциите, да имаме навремена информираност со цел да го развиваме бизнис секторот, затоа што туризмот е најзначајна алка во нашиот локален развој. Секако ни е важна фер и лојална конкуренција која ќе придонесе да се развива туристичкиот сектор како целина.  Значи, Општина Охрид сака да биде атрактивна туристичка дестинација, меѓутоа и пример како еден одржлив, фер и уреден туристички систем треба да функционира, потенцираше Крстеска.

Весна Николоска-Ристовска, координаторот на даночното одделение при Управата за јавни приходи во Охрид истакна дека целта на Управата за јавни приходи е даночните обврзници да ги запознае со нивните законски обврски, навреме да го пријават доходот остварен од туризам и да го платат соодветно данокот согласно закон.

Целта значи на Управата не е да казнува, туку да ја поттикне нивната свест, да ги поттикне со плаќање на данокот директно да учествуваат во развојот на туризмот и другите јавни добра кои се од интерес за целото општество. ​Секако тоа е неопходно со меѓусебна соработка на институциите, како Управата за јавни приходи заедно со Општината Охрид од една страна, и од друга страна даночните обврзници, почнувајќи од домаќините на соби, апартмани, вили, исто така и хотелите, рестораните и другите угостителски објекти. Тука спаѓаат и сезонските работници и малите продавачи кои вршат дејност од времен карактер. Сите заедно да придонесеме да се создадат фер, еднакви услови за сите, да ја поттикнеме фер конкуренцијата и да ја сузбиеме сивата економија. Нашата Македонија има голем потенцијал, сите заедно треба да придонесеме, да вложуваме за развојот на туризмот и заедно да ја движиме локалната економија напред. ​

Додаде дека анализите за наплатата на данокот ќе бидат направени на крајот од сезоната.

На средбата беше појаснето дека обврската се однесува на сите кои издаваат апартмани, станови, куќи, вили, соби и други сместувачки капацитети, независно од тоа дали имотот се издава на подолг период или само неколку дена во месецот. Обврската постои и кога плаќањето се врши од домашен или странски гостин, во готовина или преку трансакциска сметка, преку Airbnb, Booking.com, Facebook, Kayak, Tripadvisor и други платформи.

На присутните им беше објаснет и начинот на пријавување на доходот остварен од закуп и подзакуп преку системот на е-Даночни услуги, како и начинот на пресметување на данокот на личен доход. Притоа беше посочено дека данокот се пресметува на бруто остварениот доход, намален за признатите трошоци, зависно од тоа дали просторот се издава неопремен или опремен со мебел.

Посебен дел од средбата беше посветен на ангажирањето лица во туристичката сезона, како што се: готвачи/ки, бармени/ки, собари/ки, рецепционери/ки, лица за чистење, одржување и други работни задачи.

На работодавачите им беше укажано дека доколку ангажираат физички лица за сезонска или повремена работа, до најмногу 180 дена во текот на една календарска година, работниот ангажман треба да биде формализиран и пријавен согласно Законот за работно ангажирање на лица. Со цел плаќање на данокот на личен доход и придонесите од задолжително социјално осигурување, работодавачите треба да обезбедат е-ПДД пресметка за данокот и МПИН пресметка за придонесите од Управата за јавни приходи преку нивните профили на системот е-даночни услуги.

На средбата беа опфатени и дејностите од времен карактер, кои се особено присутни во летната туристичка сезона. Станува збор, меѓу другото, за изнајмување кајчиња, педалинки, СУП даски, кануа, кајаци и друга опрема за рекреација на вода, но и за продажба на ракотворби, сувенири, накит и уметнички предмети.

Присутните беа информирани дека физичките лица кои вршат дејност од времен карактер имаат обврска да го пријават остварениот доход и да го платат данокот на личен доход. За таа цел, пред започнување со дејноста се поднесува Барање за паушално плаќање на данокот на личен доход – Образец ДЛД-П, до надлежната организациона единица на Управата за јавни приходи.

Средбата беше и можност туристичките работници директно да постават прашања и да добијат појаснувања за конкретни ситуации со кои се соочуваат во секојдневното работење. Преку отворен разговор беа разменети мислења и искуства, со цел обврските да бидат што појасни и полесни за исполнување.

Инаку, според регистерот од локалната самоуправа на територијата на Општина Охрид има околу 3.000 регистрирани станоиздавачи.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска