Попладнево во Турново и Струмица стартува претквалификацискиот турнир за ЕП за фудбалери до 17г. Македонија е во група со Турција, Шкотска и Сан Марино.



Селекторот на нашиот тим Горан Петрески пред самиот старт на квалификациите се соочи со откажување поради повреда на интернационалецот Виктор Талевски од екипата на Ајнтрахт Франкфурт.

– Сигурно дека повредата на нашиот најдобар играч Талевски ги поремети нашите редови, но сепак имаме доволно добар квалитет да се справиме со нашите противници. Ова е голема шанса да се пласираме во следната рунда за што е потребно да освоиме едно од првите две места во групата. На стартот играме со фаворитот Турција, но не се оптеретуваме бидејќи сме добро подготвени и ќе се обидеме да ја одиграме нашата игра. Немаме респект кон ниту еден противник и ќе играме на секоја средба на победа. Ги поканувам љубителите на фудбалот да дојдат во Турново и да го видат на дело и турскиот Меси, стандардниот играч на Бешикташ Мухамед Демиричи но и иднината на нашиот фудбал – изјави Петрески.

За првиот меч Петрески ги најави следните 11 мина: Илиев, Саити, Трајковиќ, Зајков, Сулејмани, Демири, Наумовски, Вековски, Спирковски,Аврамовски и Д. Бабунски.

Сите средби на Македонија љубителите на фудбалот ќе можат да ги проследат во директен пренос на Веб сајтот на ФФМ.

Распоред на натпреварите:

24.10 14ч. Шкотска – Сан Марино (Струмица) , Македонија – Турција (Турново)

26.10 14ч. Сан Марино-Турција (Турново), Македонија – Шкотска (Струмица)

29.10 14ч. Турција – Шкотска (Струмица), Македонија – Сан Марино(Турново)

Првопласираните две селекции од сите 13 квалификациски групи заедно со две најдобропласирани трети селекции ќе играат во елитната квалификациска рунда.

Ohridnews