Попладнево во Нион ќе се одржи ждребот за втората групна фаза од квалификациите за ЕП 2011 година во Романија, за фудбалери под 19 години. Нашата надежна селекција по успешниот настап на претквалификацискиот турнир во Сараево, ќе се најде во последниот шешир во ждребот.


– И пред стартот на квалификациите и пред денешната ждрепка сум оптимист. Влегуваме како аутсајдери, но искрено очекувам да изненадиме некого – вели охриѓанецот на селекторската клупа Драган Бочески. 

Само првопласираниот од секоја група, а ќе ги има вкупно седум, ќе обезбедат пласман на ЕП, а на патот кон континенталниот шампионат во Романија, од првиот шешир можни противници на Македонија се Шпанија, Холандија, Србија, Белгија, Италија, Франција и Германија.

Од вториот по рејтинг шешир евентуални противници се Турција, Англија, Норвешка, Р. Ирска, Естонија, Словачка и Русија, додека од третиот тоа се Украина, Унгарија, Белорусија, Израел, Швајцарија, Португалија и Велс.

Македонија е во четвртиот шешир, а од него не може на нашите надежи да им се падне противник и тука уште се Црна Гора, Чешка, Полска, Грција, Хрватска и Молдавија.

М.П.