Македонската фудбалска репрезентација за фудбалери под 19 години денес ќе ги започне мини подготовките  во Охрид за пријателскиот дво-меч со соодветната репрезентација на Грција во Костур на 11 и 13 јануари. За избраниците на Драган Бочевски ова ќе бидат првите тест средби во пресрет на  квалификацискиот турнир во Турција, од 31 мај до 5 јуни. Во нашата група, покрај домаќинот, се и Германија и Унгарија.


Овие контролни средби ќе послужат за играчите подобро да се запознаат меѓу себе и да видам кои играчи ќе се наметнат за неколку позиции што ни се „најтенки“. Покрај двата дуела со Грција, ќе одиграме натпревари и против Романија во март и со Белорусија во април, по кои ќе го имам искристализирано тимот за квалификацискиот турнир во Турција – вели Драган Бочевски.

Само првопласираниот тим од квалификациската група ќе обезбеди пласман на европското првенство во Романија (20 јули – 1 август). Македонија како аутсајдер отпатува и во Сараево на предквалификациите но успеа да ја мине групата во која беа Белорусија,Чешка и домаќинот БиХ.

Сигурно во Турција нема да одиме како туристи! Затоа се и овие неколку контроли. Сакаме да го избереме најдобриот тим и достојно да одиграме на квалификациите. Нема да биде лесно, не знам дали воопшто можеше да ни се падне потешка група. Секој освоен бод ќе биде успех. Но никому не му се даваме без борба – истакна Бочески.

Репрезентативците ќе тренираат на “СРЦ Билјанини Извори“, а кон Костур ќе патуваат на 10 јануари.

М.П.