Македонската фудбалската репрезентација до 21 година претрпе убедлив пораз (4-0) на домашен терен од селекцијата на Австрија во квалификациите за пласман на Европското првенство. „Црвено жолтите“ комплетно потфрлија во дуелот со австријците кои со четирите упатени удари кон голот постигнаа четири голови. 

Репрезентативците на Австрија три од четирите голови ги реализираа во првото полувреме. Арнел Јакуповиќ во 12-та минута го отвори резултатот со одмерен удар од далечина. Во 26-та минута австријците ја дуплираа предноста со голот на Матија Хонсак. Десет минути пред крајот на првото полувреме Конрад Лајмер зголеми на 3-0.

Во вториот дел Јакуповиќ со вториот погодок на мечот донесе водство 4-0. Нашите репрезентативци во финишот имаа можност да постигнат почесен погодок и да го ублажата поразот, но Исени не реализираше удар од белата точка. 

Македонија со три порази во четири мечеви се наоѓа на последната позиција на табелата, додека Австрија со третиот триумф се доближи на бод од второпласираната Русија која има 10 поени.

Фото: Екипа.мк
OhridNews