Репрезентацијата на Македонија до 21 година претрпе несекојдневен пораз од соодветната селекција на Данска со 6-5. Со ремито против Фарски Остров и првиот пораз во групата од Данска избраниците на Бобан Бабунски драстично ги намалија шансите за пласман на ЕП 2013 во Израел.


Серијата голови ја отвори Данска уште во 5-та минута од мечот, Албек погоди за 1-0. Во 19-та минута Кристијансен зголеми на 2-0, а шест минути подоцна за 3-0 прецизен беше Свиатченко. Македонија на трите погодоци од данците, возврати со голот на Спировски во 26-та минута. До крајот на првиот дел данците уште два пати преку Кристијансен и Хелениус ја затресоа мрежата на Гачевски.


Во вториот дел Данска продолжи каде што застана во првиот и со голот на Ларсен имаа “тениска“ предност од 6-1. Македонските надежи постигнаа четири погодоци во низа но немаа сила за историски подвиг. Започна фудбалерот на Металург, Несторовски продолжи Богдановиќ следуваше погодокот на Таири а конечните 6-5 ги постави Фазли во 88-та минута од мечот.


Наредниот натпревар Македонија го игра на седми септември против селекцијата на Северна Ирска.

Мх.П.