Специјализираната интернет-страница за патувања и туристички доживувања „Travel off path“, една од најреномираните на северноамериканскиот континент, објави текст посветен на Охрид и на Охридското Езеро. Во неа посетата на Охрид е посочена како неверојатно искуство, „патување што нуди чисто блаженство и спокојство…“
(Travel off path)
Овој мал град во Европа е најмирното место што може да се замисли
На само 30 минути возење веднаш до границата со Албанија се наоѓа спокојниот крајезерски град во Северна Македонија. Овој мал град со 40 илјади е прекрасна, драгоцена тајна за жителите од регионот, независно дали доаѓаат само на викенд или да го направат тука своето летно бегство.
За останатите од целиот свет, тоа место високо би било рангирано на листата како дестинација за нивниот следен одмор или место од соништата за пензионерските денови, само доколку би знаеле дека ова место постои.
Добредојдовте во Охрид!
Охридското Езеро е едно од најголемите и најдлабоките слатководни езера во Европа. Поточно, тоа е поделено меѓу две земји, Албанија и Северна Македонија (попозната како Македонија). Езерото изгледа неверојатно чисто, независно од кој страна се погледне. Но, малиот град Охрид на источната страна од езерото е местото за најдобро искуство. Оние кои ќе се решат да го посетат нема да бидат разочарани!
Повеќе авиокомпании веќе имаат свои летови, како до Тирана така и до Охрид, што го прави мошне попристапен отколку што беше порано. Овој шармантен град е всушност само два часа патување од главниот град на Албанија, споредбено со четирите часа патување од главниот град на сопствената земја – Скопје.
Историскиот град Охрид
Охрид, дел од светското наследство на УНЕСКО, е мешавина од старото и новото, како и многу други европски градови. Стариот град е местото каде што туристите ќе го откријат чукањето на срцето на Охрид.
Улиците и сокаците со калдрма го испресекуваат цик-цак центарот на градот, исполнети претежно со локални жители кои одат на прошетка или со дигитални номади со нивните лаптопи, испоседнати терасите од кафулињата. Македонците го живеат животот во бавно темпо, тука тоа е лесно забележливо. Сакате кафе, на пример? Можеби ќе треба да почекате вашиот келнер прво да ја заврши утринската цигара пред да ја прими вашата нарачка. Ви треба возење со такси? Можеби вашиот возач сè уште не завршил со читање на весникот… Точно така, весник!
Бројни ресторани во Стариот град нудат свежа риба директно од езерото и евтини локални пијалоци. Повеќето од нив имаат свои тераси на отворено, за посетителите да можат да уживаат во спокојното свежо ветре и да уживаат во прекрасната глетка кон Охрид. Многу од тие угостителски објекти се специјализирани за кујна од соседните земји, Грција или дури Турција, така што оние кои сакаат да се нагостат тука навистина не можат да згрешат!
Патување назад во времето
Шетајќи низ Стариот град и околните улици, сигурно ќе наидете на црква. Всушност, спротивното би било речиси невозможно затоа што овој град некогаш бил познат по тоа што имал 365 цркви – различна црква за секој ден од годината!
Наследството е неверојатно. Тие градби се речиси недопрени, некои датираат дури и од 9-тиот век од нашата ера! Во Охрид има многу ридови што ги предизвикуваат посетителите, да бидат искачени. Погледот што го нудат е достоен за разгледница, а во комбинација со уникатниот дизајн на романескните цркви, го наградуваат трудот на посетителот со неповторливо искуство.
Македонија е трета најмалку посетена земја во Европа, но туристите кои веќе имат заокружено Охрид на нивната листа патувања, го препорачуваат стрмното искачување до Самуиловата тврдина заради неверојатниот поглед од 180 степени што го одзема здивот.
Ако некој успее да подзаборави на мобилниот во џебот, навистина би почувствувал дека пропатувал назад во времето.
Спокојството на Охридското Езеро
Каде и да талкаат патниците низ Охрид, невозможно е да го пропуштат Охридското Езеро. Во многу делови од светот, вообичаено е езерата да бидат матни и да немаат некоја репутација. Охридското Езеро едноставно не спаѓа во таа категорија. Мирната, кристално чиста вода може да се споредува со она што некој би го видел во одморалиште со пет ѕвездички на Малдивите.
На око недопрено, не е мистерија зошто оваа област е позната како „бисер на Балканот“. Има многу опции за најдобро да се доживее ова природно чудо: параглајдерство, пливање
риболов, пловење или доволно со едноставно потопување на нозете во водата и уживање во спокојното опкружување и бујните зелени околни ридови.
Многу туристи велат дека најдобриот начин да се доживее Охридското Езеро е возење со брод на зајдисонце. Портокаловиот сјај го осветлува целиот град. Еден патник што неодамна бил тука го опиша езерото како „навистина посебно место“ што „го одзема здивот“.
Ако сте во потрага по чисто блаженство и спокојство, не гледајте подалеку од Охрид, Северна Македонија.
OhridNews