Репрезентацијата на Данска оствари рутинска победа над Македонија 36:24 во меч од групата Б на Европската ракометно првенство што се одигра вечерва во Хернинг пред 15000 гледачи.

Македонија добро влезе во мечот, но фаворитот Данска ги искористи техничките грешки на нашата репрезентација, брзо се одлепи и до крајот на натпреварот постојано ја зголемуваше разликата.

Серафимов беше најефикасен во редовите на Македонија со 6 гола, по 4 постигнаа Митев и Кузмановски. На спротивната страна Питлик стрелаше прецизно 9 пати. Томовски мечот го заврши со 4 одбрани, Галевски имаше една. На спротивната страна Нилсен мечот го заврши со 10 одбрани.

И честитам на репрезентацијата на Данска. Мислам дека во грч го одигравме натпреварот и се надевам дека со Португалија и Романија ќе бидеме послободни во играта и повеќе да веруваме во себе. Ќе го анализираме мечот и се надевам против следните противници ќе одиграме подобро, изјави по мечот за националниот сервис капитенот Кузмановски.

Селекторот Лазаров рече дека и покрај високиот пораз е задоволен од пристапот во играта на репрезентативците. Посочи дека Данска е апсолутен фаворит на првенството, а фактот што на моменти противникот и покрај огромниот квалитет играл 7 на 6, говори дека Македонија има и добри страни во играта. Што се однесува до изоставувањето на Пешевски и Митрески од натпреварот со Данска, Лазаров рече дека и двајцата имале помали повреди и се надева дека за следниот меч ќе бидат подготвени за настап.

Во 2 коло противник на Македонија ќе и биде Португалија која претходно ја совлада Романија 40:34.

Г.М.