ГРК Охрид забележа убедлива победа на гостувањето кај Мулти Есенс во Скопје, совладувајќи го домаќинот со 42:26, во натпревар од седмото коло во ракометната Супер лига.

„Гладијаторите“ доминираа во Автокоманда и со ефикасна игра стигнаа до нови бодови во домашниот шампионат.
Охрид настапи без тренерот Борис Ројевиќ и Крсте Андоновски, кои беа надвор од тимот поради здравствени причини. Поради вироза отсуствуваа и капитенот Ојлески и десното крило Ѓукиќ, а Јагуриноски е на листата повредени играчи.
Најефикасен во победничкиот состав беше Доминик Мате со 8 погодоци, Лиапис постигна 6, додека Савревски и Зечевиќ реализираа по 5. На голот се истакна Славиќ со 14 одбрани.
ГРК Охрид: Стрмљан 3, Јошида 3, Иванковиќ 3, Кеита 3, Карапалевски, Славиќ (14 одбрани), Ристески 2, Тасески, Савревски 5, Мате 8, Лиапис 6, Талески 2, Блажески (3 одбрани), Зечевиќ 5, Ќосевски 2, Ѓорѓески (1 одбрана).
Убедливиот триумф доаѓа во пресрет на европскиот двомеч со Спор Тото, на 23 и 24 октомври во „Билјанини извори“, кога ГРК Охрид ја започнува одбраната на титулата во ЕХФ Европскиот куп.
OhridNews











