30-годишна жена, македонски државјанин и нејзиното шестнеделно бебе се убиени во саботата од страна на нејзиниот 43-годишен сопруг, кој во земјата престојувал со бугарски пасош, пренесуваат Швајцарските медиуми. Неофицијално, дознаваме дека убиецот и убиената жена се со потекло од Охрид.
Според порталот „20min.ch“ во саботата околу 16:45 часот, Центарот за операции и аларм на Кантоналната полиција во Фрајбур, Швајцарија, добил пријава дека жена и нејзиното бебе се пронајдени мртви во стан во Живисие. Како што пренесува истиот извор, сопругот наводно се обидел да се самоубие, при што се здобил со полесни повреди. Тој добил медицинска помош и бил пренесен во болница со амбулантно возило под полициска придружба.
Осомничениот сторител, сопругот на жртвата, бил уапсен на местото на настанот. Јавното обвинителство, како што пренесува порталот, отворил кривична истрага за убиство со умисла, а сторителот го признал делото.
Од Министерството за надворешни работи ја потврдија информацијата посочувајќи дека до македонската амбасада во Берн, вчера е доставена информација од страна на надлежните швајцарски органи дека на 05.07.2025 година, во 17:00 часот, полицијата била известена за случај во семеен стан, каде што биле пронајдени три тела.
Две од нив – М.Т., македонски државјанин, родена во 1995 година, и Д.Т. – пријавен кај швајцарските власти како бугарски државјанин, роден во 2025 година, биле прогласени за мртви на лице место, додека лицето А.Т. (имател на двојно државјанство, но пријавен кај властите како бугарски државјанин), било пренесено во болница за понатамошен медицински третман на повредите. Понатаму, од страна на надлежните швајцарски органи, амбасадата е известена дека постои основано сомнение дека се работи за двојно убиство, при што како осомничен е приведен сопругот на жртвата – А.Т., роден 1982 година, по потекло од Македонија, кој во Швајцарија е пријавен како бугарски државјанин, посочуваат од МНР.
Амбасадата, додаваат, е во редовна комуникација со локалните институции, како и со блиски роднини на жртвите, и ќе продолжи да ги следи сите понатамошни постапки, обезбедувајќи ја потребната поддршка во рамките на нејзините надлежности.
Н.С.Ј./Г.М.