
Четвртокот беше резервиран за уште еден настан сврзан со минатото на Охрид и Трпејца. Доц. д-р Никола Митровиќ – Бабе и Славчо Новески од Подрачното одделение на Државниот архив ексклузивно во Трпејца презентираа делови од книгата „ Рибарски алманах“ чија официјална промоција ќе се одржи во септември.
Преку одлична видео презентација беше претставен регистарот на лиценцирани рибари во Охридското Езеро за периодот 1934 – 1941 година, единствен од таков вид во земјата.
Во Алманахот се поместени имиња на 150 рибари, од регистрираните 480 во односниот период. Во публикацијата многумина охриѓани а и трпејчани ги пронајдоа и ќе можат да ги пронајдат своите претци, па дури и да си ги најдат корените на сопствените имиња, што е своевидна традиција во Охрид, Струга и рибарските населени места долж крајбрежјето на езерото.
Вечерта беше збогатена со настапот на младите репродуктивни уметници од Охрид – средношколките Христијана Матеска – хармоника и Марија Џуклеска – виолина.
По трет пат, синоќа на Културно – забавното лето настапи Градскиот мешан хор од Охрид „Вокс Лихнидос“ со интересна програма – мешавина од хорски бисери и обработка на македонски народни песни и светски хитови. Диригент беше Бурим Хидри.
Денеска сабота од 20.30 часот публиката ќе ужива во настапот на младите Мила и Билјана познати како дуо Black moon. Вечерва планирана е и средбата со проф. д-р Мери Јосифовска која ќе говори на тема: Еден поглед на Трпејца од ономастички аспект. Концептот на летото е всушност забава и едукација на мештаните и туристите.
Во рекреативниот дел утре од – недела од 10 часот се традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и Малиот пливачки маратон помогнати од Асоцијацијата СПОРТ ЗА СИТЕ.
„На зајдисонце“ утревечер ќе се вклучи во одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на големиот Блаже Конески со омажот насловен: „Поезијо чувствата ми ги будиш“ на која со избор од поезија од Конески и од други домашни светски поети ќе настапат: актерката Марија Кондовска, Симон Јаковлев – Писин и музичарот Лео Спасески – Охридски ( синтисајзер).
Десеттото јубилејно „На зајдисонце“ трае до 28 јули а е во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“ под покровителство на Општина Охрид и помогнато од делагацијата на ЕУ во Скопје и брони спонзори и донатори.
OhridNews



















