Петмината обвинети за петкратното убиство кај Смилковското езеро, според обвинението имале цел да предизвикаат несигурност кај населението и да ја нарушат безбедноста во земјава со предизвикување на страв кај граѓаните.

Убиствата биле извршени на езерото кое било под концесија на обвинетиот Фејзи Азири кој се товари за помагање, пренесува извор:„Макфакс“.

„Обвинителството како мотив ја гледа огорченоста на обвинетиот зошто излетници престојуваат на неговиот приватен имот. Му сметале рибарите кои доаѓале на езерото“, вели адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи, кој во среда го добил обвинението.

Тој смета дека обвинителството нема докази за делото за кое ги товари обвинетите, немало ниту биолошки траги, ниту, ДНК, ниту е најдено оружјето, единство имало снимени разговори меѓу обвинетите.

Како што ни изјави Рауфи, очевидци на убиството немало освен некои сведоци кои слушнале пукање.

На 12 април кај Смилковското езеро свирепо беа убиени четири млади момчиња и еден повозрасен маж.

Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и неговиот брат Агим, се товарат дека се директни извршители на петкратното убиство, а Фејзи Азири и Рами Сејди се осомничени за помагање.

Тројца од осомничените се во притвор, додека Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, се во бегство, а полицијата се сомнева дека избегале на Косово.

OhridNews
извор:„Макфакс“