Ученички, професорки и претставнички од стручни служби од охридските средни училишта ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ беа дел од 4-дневна обука во Охрид од 25-28.03, реализирана во рамки на проектот „Здрави врски – основа за ментално здравје“.

Обуката ја организираше Здружение Доверба Куманово, со поддршка од Екуменска иницијатива жена, а истата вклучи и учеснички од ОСТУ „Наце Буѓони“ и Гимназија „Гоце Делчев“ од Куманово.

Вкупно 24 учеснички работеа на теми поврзани со личен развој, здрави односи и поставување лични граници, самодоверба, комуникација, родова еднаквост и справување со општествени притисоци. Посебен акцент беше ставен на препознавање и справување со токсични односи, како и на градење на поддржувачка средина за младите, информираат од Здружението.

По завршување на обуката, посочуваат, учесничките од охридските училишта ќе реализираат активности во своите средини, насочени кон ученици, наставен кадар и родители, со цел споделување на стекнатите знаења и подигнување на свеста за менталното здравје.

OhridNews