30 ученици од РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид и од „Економско-трговинската школа“ – Бор дел од проектот „Super Schools“ – „Мост кој поврзува два езера“. Првата четиридневна размена се реализираше во период од 24-29 ноември во Бор, Република Србија.

Во текот на четирите дена учениците учествуваа во интерактивни работилници за запознавање, тимска работа и интеркултурен дијалог, дискусии за идентитет, културни разлики, стереотипи и предрасуди, спортски и групни активности кои придонесоа за подобра меѓусебна поврзаност, излет во природата и истражување на локалната средина и гастрономски ден посветен на подготвување традиционални јадења од двете земји, информираат од РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид.
Учениците, посочуваат, имаа можност да разменуваат идеи, да ги поврзат своите култури, да стекнат нови пријателства и да градат мостови на соработка меѓу двата града – Охрид и Бор.
Размената повторно докажа дека младите, кога ќе добијат простор за учење, комуникација и соработка, создаваат силни врски и позитивни искуства кои траат долго, потенцираат.
Втората мобилност на учениците ќе биде во Охрид, на која домаќин е РЦСОО „Ванчо Питошески“, а ќе се одвива во период од 23 март-28 март 2026 година.
Проектот е финансиран од Европската унија, а е организиран од RYCO Superschools (Регионална канцеларија за соработка на млади) и Германската канцеларија за меѓународна соработка (GIZ).
OhridNews















