Дванаесет ученици од РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид предводени од координаторите на проектот „A BRIDGE CONNECTING TWO LAKES“ психолог Даница Скрческа и наставник Сања Митаноска беа во посета на Бор, Република Србија. Проектот е еден од 45-те избрани најдобри проекти изработен во соработка меѓу РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид и „УЧИЛИШТЕ ЗА ЕКОНОМИЈА И ТРГОВИЈА“ – БОР, Република Србија, информираат од училиштето.
Деновите поминати во Бор беа исполнети со учење, соработка, дружење и пријателство. Првиот ден започнавме со меѓусебно запознавање и работилници за Младински активизам, каде што споделувавме идеи и заеднички креиравме решение за позитивни промени во нашите заедница. Вториот ден беше посветен на гастрономските традиции на нашите краишта, со дегустација на јадења и размена на приказни кои ги придружуваат. Попладневните активности беа обележани со теми на националните малцинства во Бор, нагласувајќи ја важноста на меѓукултурниот дијалог и разбирање, велат.
Третиот ден, додаваат, учениците ги истражуваа природните убавини и традиции на руралните области на Бор, а особено беше истакната улогата на туристичките техничари од училиштето од Бор кои ги претставија локалитетите што ги посетивме.



Во знак на трајно сеќавање на ова искуство засадивме дрво на пријателство пред училиштето, а вечерта беше резервирана за вежбање на заедничка песна која заедно ја дизајниравме и за меѓусебно и убаво дружење. Втората размена на учениците ќе биде во Охрид, на која ние ќе бидеме домаќини, а ќе се одвива во период од 23 март-29 март 2025 година, додаваат од училиштето.
OhridNews












