Ученици од СОУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид дел од мултимедијален проект „Светлосни приказни“ што ја истражува врската меѓу уметноста, технологијата и светлината преку современи дигитални и AI алатки.

Нашите ученици со своите дела ќе бидат дел од оваа уникатна поставка, што претставува вредно искуство и поттик за нивниот понатамошен уметнички и личен развој. Со вакви проекти, гимназијата „Св. Климент Охридски“ продолжува да ги поддржува иницијативите кои ги спојуваат образованието, креативноста и современите технологии, подготвувајќи ги младите за иднината во која уметноста и науката се надополнуваат и инспирираат една со друга, велат од училиштето.

Со помош на видео-мапирање и дигитални анимации, ѕидовите на просторот се трансформираат во активен учесник на уметничкиот чин – место каде што светлината не само што осветлува, туку и создава. Преку процес на цртање, снимање, дигитализација и светлосна проекција, младите учесници имаа можност да го искусат патот на едно дело – од линија на хартија до светлосна форма во просторот. Покрај делата на учениците, уметниците Грабулоска, Талески и Томан создаваат сопствени светлосни и дигитални композиции, кои заедно со ученичките работи се спојуваат во едно единствено дело. Оваа колективна композиција не постои како низа одделни дела, туку како единствен уметнички организам што живее, дише и комуницира во просторот. Секоја проекција, секој фрагмент од светлина е дел од поголема целина – визуелна симфонија во која линијата, бојата, архитектурата и технологијата пулсираат во заеднички ритам, посочуваат.
Додаваат дека „Светлосни приказни“ ја отвора можноста да се почувствува нова форма на културна комуникација, каде човечката имагинација и технолошката иновација не се во спротивност, туку дишат заедно – создавајќи мост меѓу генерации, медиуми и сетила.
OhridNews











