Педесетина ученици од Косел, Куратица и Лескоец од основното училиште „Ванчо Николески“, во придружба на своите наставници, остварија планирана посета во македонската метропола, каде беа срдечно пречекани од претставници на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Национална и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“.

Топлото добредојде и професионалната и стручна презентација од страна на професорките од Институтот, д-р Лидија Георгиевска Тантуровска, м-р Марија Пандева и д-р Убавка Додевска, беше доволно добра причина учениците од „Ванчо Николески“ со големо внимание да ја проследат животната патека на патронот Крсте Петков Мисирков како и презентацијата за неговата дејност поврзана со македонистиката и со Македонија. Потоа учениците беа запознати со историјатот и дејноста на Институтот, како и со државните и меѓународни признанија и награди кои оваа институција ги има добиено за своите капитални проекти важни за нацијата, информираат од училиштето.

И посетата во Националната библиотека, посочуваат, беше впечатлива за охридските основци кои преку презентацијата на информаторите се запознаа со класичните и современите читални, како и со класичниот и дигитален начин на изнајмување на книги.

Посебно љубопитство беше посетата и влезот во библиотечното депо каде се чуваат близу 4 (четири) милиони библиотечни единици. Следно ни беше презентирана и поставената изложба по повод 80 години македонски кодифициран јазик преку изворни документи и книги од периодот по 1945 година. По овие ретки настани, учениците го посетија Саемот на книги каде преку средби со писатели и со огромен број на штандови на книгоиздавачи од Македонија, беа инспирирани да си купат и по некоја книга по свој избор, потенцираат од училиштето.

Со овие активности, додаваат од училиштето беше реализирана  успешна ученичка приказна.

OhridNews