За над 200 илјади основци и средношколци денеска почнува учебната 2023/2024 година која, со одлука на Владата, првпат ќе заврши на 17-ти наместо на 10 јуни. Покрај зимскиот, учениците ќе имаат и пролетен распуст, од 29 април до 5 мај 2024.
Во основните училишта во Охрид денес 456 првачиња го започнаа образовниот процес. Сите училишта ги имаат направено потребните подготовки за почеток на учебната година информираа од Општина Охрид потенцирајќи дека беа реализирани низа значајни инвестиции во училиштата во насока на подобрување на условите за настава.
Согласно Концепцијата за основно образование, која етапно се применува од 2020-та, во оваа учебна година по нови наставни програми ќе учат учениците во трето и во шесто одделение и поради тоа се изработуваат нови учебници.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера соопшти дека доцнење ќе има само на учебниците за шесто одделение кои се во фаза на одобрување и очекува да бидат испорачани во текот на септември. Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за трето и шесто одделение, кои ги изработи Бирото за развој за образованието, наменети и за учениците и за наставниците, и достапни во електронска форма на веб-страницата на Бирото.
Во однос на средното образование, информираше дека само во една година се одобрени 150 учебници, најголем дел во стручното образование, и тие етапно ќе се печатат и доставуваат до учениците во тираж којшто го пријавуваат самите училишта. Овие учебници се достапни и во електронска форма односно на страницата на Педагошката служба и прикачени на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.
Покрај пролетниот распуст и продолжената учебна година, новина е и примената на нов е-дневник, изготвен со поддршка на ЕУ преку ИПА-фондови. Тој е во фаза на тестирање и, како што соопшти Шаќири, паралелно се прават обуки на администрацијата во 40 училишта во кои ќе се примени како пилот-проект додека се потврди неговата функционалност.
Во новата учебна година ќе има и нови безбедносни мерки во училиштата. Шаќири соопшти дека со Министерството за внатрешни работи ги дефинираат, како што рече, „потребните насоки за сите училишта и сите ќе бидат известени од страна на МВР“.
Со Министерството за финансии, пак, МОН преговара за процент за усогласување на платите со минималната во државата, што ќе биде дополнителен приход покрај 10-те отсто кои на вработените во образованието, како и на другите во јавниот сектор, ќе им следуваат со Општиот колективен договор.
По денешниот старт на учебната година, наставата ќе трае до 29 декември кога завршува првото полугодие. Од 30 декември учениците ќе бидат на зимски распуст, а второто полугодие од оваа учебна година ќе го почнат на 22 јануари.
OhridNews