Денеска во големата општинска сала, учениците од основното училиште „Братство и единство“ од Охрид со турски наставен јазик, симулираа седница на општинскиот Совет, по повод денот востановен од Мустафа Кемал Ататурк за празник на децата, 23-ти април.
На настанот чии организатори беа членовите на охридското Здружение „Синан Челеби“, учениците дискутираа на една точка – „Животната средина, проблемите и предлог решенија за нејзина заштита“.
Претседателката на Здружението „Синан Челеби“, Хавза Реџеп Какел, истакна дека 23-ти април е Денот на првото отворање на големото турско собрание во 1920-та година, односно празник востановен од Мустафа Кемал Ататурк посветен на децата во светски рамки.
„Секоја година, 23-ти април се празнува преку разни манифестации на учениците, а по предлог на Мустафа Кемал Ататурк, на овој ден управувањето на државните органи им се отстапува на децата. Со таа цел, денеска учениците ќе симулираат седница на Совет, со една точка на дневен ред и тоа „Животна средина, проблеми и предлог решенија за нејзина заштита.“ – истакна Реџеп Какел.
На настанот присуствуваше и секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, кој во име на локалната самоуправа се заблагодари на поканата од страна на Здружението „Синан Челеби“.
„Сите ние заедно го славиме 23-ти април, националниот празник на Турците кој е директно посветен на децата. Тоа го замислил големиот Ататурк и наша должност е и понатака тоа да го почитуваме. Ние како општина даваме голема поддршка кон организаторите на настани од ваков тип и од таа причина, оваа година во низата активности е токму оваа седница на Совет. Тука нашите најмлади советници ќе дискутираат на една многу значајна тема, од која ние возрасните ќе имаме што да научиме.“ – истакна Спасески.
Членовите на охридското Здружение „Синан Челеби“, изјавија дека и понатака ќе ги поддржат иницијативите за ширење и развој на културата, образованието, екологијата, односно ќе ги поттикнат сите манифестации што ги организираат здруженијата на турското население во земјава.
Инаку, на настанот присустуваше и директорот на ОУ „Братсво Единство“ Муарем Доко, наставници од оваа образовна институција, како и советникот во општина Охрид, Иљат Ибраим.
O.T.