Од градскиот плоштад во Охрид, учениците од ОУ „Григор Прличев“, ОСУ „Св. Климент Охридски“, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и ОУТУ „Ванчо Питошески“, попладнево испратија порака против насилството со хепенинг што се одржа рамки на проектот „Безбедни училишта“, во организација на ОБСЕ, Локалната самоуправа и Министерството за внатрешни работи.
– Задоволство е да се учествува во проектот во кој партиципираме со целосниот потенцијал и стручните служби, затоа што наша тенденција како локална самоуправа е на учениците да им обезбедиме безбедни училишта. Наредната година ќе се обидеме во проектот да ги вклучиме сите училишта во општината со единствена цел- непречено одвивање на наставата, рече секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.
Како што истакна Славица Тримчева, професор по психологија во Средното училиште „Свети Климент Охридски“, ваквите проекти се секогаш добредојдени затоа што превентивните активности имаат големо значење во сузбивање на насилното однесување кај учениците.
– Ние немаме големи проблеми поради насилно однесување на ученици, но работиме на тоа да имаме похармонични односи во училиштата и сметам дека со овој проект се постигнуваат добри резултати, рече професор Тримческа.
Живорад Савиќ, раководител на одделението за превенција при СВР Охрид, потенцира дека полицијата не смее никогаш да остане сама и дека во идентификацијата на проблемите и нивното решавање треба да се вклучени сите.
– Полицијата особено внимание посветува на безбедноста на учениците во општината и со брза реакција дејствува при секој настан кој ја загрозува нивната безбедност. Превентивната работа секогаш е врвен приоритет во работата на полицијата, во што се вклопува и овој проект. Новиот концепт на полициско работење со заедницата овозможува координирани активности на сите државни органи, локалната самоуправа, училиштата, родителите и учениците и сите заедно да работиме кон елиминирање на проблемите кои ја загрозуваат безбедноста, рече Савиќ.
Истовремено со настанот во Охрид, во рамки на проектот, порака против насилството упатија и учениците од уште осум градови во земјава- Скопје, Куманово, Гостивар, Тетово, Кичево, Струга, Прилеп и Македонски брод.
Т.К.