Вкупно 75 учесници од 14 европски земји ќе бидат дел од Третата меѓународна конференција „Охрид – Водици 2015“, која започна денеска во Охрид.

Овој дводневен научен собир го организираат Институтот за Социо-културна антропологија на Македонија од Скопје, во соработка со МИРАС-Организација за поддршка на проучувањето на културното наследство од Баку, Азербејџан, Универзитетот за аудио-визуелни уметности–ЕСРА и Центарот за научно истражување и промоција на културата „ХАЕМУС“ од Скопје.

Проф. д-р Рубин Земон кој е претседател на Програмскиот комитет за организација на конференцијата информираше дека во рамки на научните сесии ќе бидат презентуирани 63 реферати од областа на културното наследство, локалниот економски развој, туризмот и медиумите.

-Конференцијата е составена од осум сесии и има многу интересни теми. Пред се значајни за Охрид се рефератите за културното наследство и како истото да биде употребено во делот на туризмот, како и темите за локалниот економски равој во оние средини кои имаат потенцијал и каде што населението може да добие економски бенефит, изјави Земон.

Тој истакна дека од година во година се повеќе расте интересот на научната јавност за учество на оваа конференција.

Заменик градоначалникот на општина Охрид Ангел Јанев во своето обраќање пред присутните упати благодарност за изборот на теми за кои ќе биде дебатирано на оваа коференција, бидејќи истите се директно поврзани со приоритетите за развој на Охрид како туристички центар.

-Локалната самоуправа има изготвено локални стратегии за економски развој, алтернативен и рурален туризам, а ги имплементира и националните стретегии во областа на заштитата на природното и културното наследство. Градот Охрид и Охридското Езеро како заштитено културно и природно наследство се на листата на УНЕСКО. Тоа е голема чест но и голема обврска бидејќи треба да се обезбеди заштита на ова богатство, а воедено и да се креира одржлив локален и економски развој на градот, но и на пошироката околина, рече меѓудугото Јанев.

Тој ги покани учесниците на конференцијата да ги проследат свеченостите по повод празнувањето на големиот православен празник Богојавление-Водици, кои ќе се одржат во понеделник на 19-ти јануари.

Е.М