На иницијатива на директорите, јавните и приватните училишта во Струга, денеска, потпишаа Декларација за мир и толеранција, која има за цел да ги заштити учениците од влијанието на политиката и нивна злоупотреба за време на предизборната кампања.
Иницијативата е поддржана од невладиниот сектор и општината Струга.
„Ќе сториме се што е во наша моќ да ги одржиме добрите односи помеѓу учениците преку превентивни мерки за намалување на насилството во нашите училишни дворови, а со тоа да не дозволиме младите да бидат искористени за било какви цели кои можат да придонесат кон дестабилизација на мултиетничката средина.
Заеднички ќе соработуваме, ќе поддржуваме и интензивно ќе комуницираме за да ги пренесеме пораките за мир и толеранција до родителите, наставниците и учениците. Поради тоа се заложуваме да ја зајакнеме и поттикнеме соработката со сите релевантни институции како општината, граѓанскиот сектор, медиумите, полицијата и политичките партии. А во исто време ги повикуваме и тие да вложат напори и да преземат превентивни мерки со кои ќе ја зајакнат свеста меѓу младите за можноста да бидат злоупотребени за време на предизборната кампања.
Истовремено ги повикуваме сите граѓани да се воздржат од било какво насилство и со сите сили да придонесат во негување на мирот и толеранцијата и подобрување на мултиетничките односи во Струга.“
Училиштата во Струга потпишаа Декларација за заштита на учениците од изборни манипулации