Комисијата за жалби на Европската фудбалска асоцијација(УЕФА) ги одби жалбите на Србија и Албанија на изречените казни заради нередите на прекинатиот квалификациски меч за ЕВРО 2016 меѓу двете репрезентации на 14 октомври во Белград, јави AFP.

Натпреварот е регистриран со резултат 3:0 за Србија, на која сепак и беа одземени трите бода за победата, а беше казнета и со два домашни меча без публика.

Комисијата на УЕФА ја потврди првичната одлука од 24 октомври, одбивајќи ги жалбите на фудбалските сојузи на Србија и на Албанија, кои сега имаат законски рок од 21 ден за поднесување на нова жалба, но овој пат на судот за спортска арбитража во Лозана.

Натпреварот во Белград беше прекинат во 41 минута кога над стадионот на Партизан се појави беспилотно летало со знамето на голема Албанија, по што во теренот настана туркање меѓу фудбалерите, а потоа дојде до упад и на српски навивачи.

 

„Макфакс“